
| Getting your Trinity Audio player ready... |
Бугарија по три години пауза се врати на Изборот на песна за Евровизија и веднаш ја освои својата прва победа во историјата на натпреварувањето. Победничкиот трофеј заврши во рацете на Дара, која ја воодушеви публиката со песната „Bangaranga“.
Дара на крајот освои вкупно 516 поени, од жирито и публиката, и убедливо го освои првото место.
Еден ден по големата победа на Евровизија, пејачката пристигна во Софија, каде што беше пречекана како вистинска ѕвезда.
Нејзиниот авион од Виена слета на аеродромот Васил Левски, а таму ја дочека свечен пречек со црвен тепих, водени топови и бројни обожаватели кои со часови ја чекааа.
Фановите ѝ подготвија и специјална кореографија, инспирирана од нејзината победничка песна „Bangaranga“.
Дара, чие вистинско име е Дарина Николаева Јотова, е родена на 9 септември 1998 година во Варна, трет по големина град во Бугарија. Пошироката јавност ја запозна во 2015 година, кога се натпреваруваше во бугарската верзија на „Икс фактор“, каде што стигна до финалето.
По шоуто, таа потпиша договор со „Вирџинија рекордс“, а во 2016 година го објави својот прв сингл „К’во не чу“. Во продолжение на кариерата следуваа хитови како „Thunder“, „Call Me“ и „Mr. Rover“, кои со недели беа на врвот на музичките листи. Минатата година го објави и својот последен албум.
Покрај музичката кариера, Дара има и успешна телевизиска кариера. Во шоуто „Гласот на Бугарија“ беше менторка во 2021 и 2022 година, а во 2024 учествуваше и во шоуто „Танц со ѕвездите“.
Кога станува збор за приватниот живот, Дара веќе извесно време е во брак. Нејзиниот сопруг е 35-годишниот Ервин Иванов, кој, според бугарските медиуми, работи како фармаколог.






