Home КУЛТУРА Настани Доделување на наградата „Виртуози“

Доделување на наградата „Виртуози“

SHARE

Во Македонската опера и балет вечер ќе биде доделена првата награда „Виртуози“ што ја иницираа Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), Македонската филхармонија и Македонската опера и балет.

Номинирани се по три уметници, ансамбли или манифестации од музичко-сценската уметност во десет категории: Музички организатор, Камерен ансамбл, Музички публицист, Млад музички уметник, Голем ансамбл, Музичка манифестација, Музичко-сценски уметник, Композитор, Меѓународна афирмација и Музички изведувач.

За наградените одлучува 11-члено стручно жири – музички и балетски уметници, педагози и теоретичари.  Наградата е статуетка од авторката Виолета Коцев, која беше избрана на конкурс.

Според претседателот на СОКОМ Сони Петровски, целта на манифестацијата и наградата „Виртуози“ е да им се даде признание на уметниците, да се поттикнуваат на креативни проекти и да се афирмира класичната музика која е малку застапена во медиумите.

Манифестацијата ќе ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, а наградите ќе ги доделат: Мелпомени Корнети, Велко Тодевски, Влатко Стефановски, Љубомир Бранѓолица, Оливер Белопета, Милка Ефтимова, Владимир Георгиевски, Драган Даутовски и Глигор Чемерски.

Како што соопшти СОКОМ, пред публиката во МОБ ќе настапат и Женскиот хор при Младинскиот културен центар, младата виолинистка Ева Богоевска, пејачите Иван Наумовски и Наде Талевска и балерините Викторија Илиоска и Елена Ристеска.

РЕКЛАМИ:
Loading...