Home КУЛТУРА Настани Геретс и Џундева, лауреати на јубилејниот 10. Астерфест

Геретс и Џундева, лауреати на јубилејниот 10. Астерфест

SHARE

Со врачување на наградите „Астер“ на годинашните лауреати, режисерот Борис Геретс и актерката Љупка Џундева, синоќа во Струмица започна 10. јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на краток филм „Астерфест“.

Директорот на фестивалот Горан Тренчовски на отворањето истакна дека „Астерфест“ по изминатите 10 години се наметна во македонската филмска тријада, заедно со Битола и Скопје, и сигурно чекори кон заслуженото место и етаблирање не само во регионот, туку и на светската мапа.

Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев рече дека со годинашниот јубилеј на фестивалот, Струмица ја зацврстува позицијата на културен центар во Источна Македонија.

Директорот на Агенцијата за филм Дарко Башевски посака „Астерфест“ да стане лубимец на младата публика.

Заблагодарувајќи се на укажаната чест, актерката Љупка Џундева истакна дека специјалното признание за високи достигнувања во филмската и драмската уметност „Астер“ и е посебно драго и наградата ја прима со возбуда.

– Посебно ми е чест што оваа награда ја примам во Струмица, градот кој има многу сторено и дадено во делот на филмот и театарот. Играв со бардот Ристо Шишков, со Чедо и со прекрасниот ансамбал на Струмичкиот театар. Ние, глумците сме посебни луѓе, јас и сега најмногу што сакам е да глумам, бидејќи глумата е мојот живот, рече Џундева.

Наградата „Астер“ за високи достигнувања во европскиот и светскиот филм, режисерот Борис Геретс ја посвети на својата жена, а на „Астерфест“ му посака уште многу години и успеси во пренесувањето на магијата на филмот.

Фестивалската програма беше отворена со оскаровецот „Хелиум“ на Андрес Валтер од Данска, а во следните денови ќе бидат прикажани 50-тина филмови.

Во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Вељуса денеска ќе се одржат „Астер портрет“ и „Тивериополски филмски беседи“ посветени на лауреатите Љупка Џундева и Борис Геретс.

МИА

РЕКЛАМИ:
Loading...