
| Getting your Trinity Audio player ready... |
Нова европска анализа откри каде се наоѓаат најчистите плажи, езера и реки на континентот. Додека една земја добива совршен резултат, некои земји во регионот се на дното на листата кога станува збор за квалитетот на водата за капење.
Лефкада во Грција
Плажите, езерата и реките низ Европа продолжуваат да бидат меѓу најчистите подрачја за капење во светот, според најновиот Извештај за квалитетот на водата за капење за 2025 година.
Според податоците од европските институции, дури 96% од контролираните капалишта ги исполнуваат минималните стандарди за квалитет на водата, додека само 1,5% се оценети како незадоволителни.
Анализата ги опфати крајбрежните и внатрешните води низ целиот континент, а резултатите покажуваат дека квалитетот на морската вода е генерално подобар од оној на реките и езерата. Дури 88% од крајбрежните места за капење во Европската Унија ја добија највисоката оценка „одлично“, додека истиот процент за внатрешните води беше 78%.
Кипар прв, Грција и Бугарија веднаш зад нив
Кипар има најчисти води за капење во Европа, каде што 100% од контролираните подрачја за капење се оценети со највисока оценка.
На врвот на листата се и Грција со 97,1% одлични плажи, Бугарија со 96,9% и Австрија со 96,5 проценти.
Кога станува збор за езера, реки и други внатрешни води, најдобри резултати се забележани во Австрија и Финска, каде што околу 95% од подрачјата за капење се оценети како одлични. Данска, Луксембург и Германија се исто така меѓу водечките земји.
Каде е најлош квалитетот на водата?
Од друга страна, некои европски земји сè уште имаат проблеми со загадувањето на капалиштата. Повеќе од 3% од водите оценети со лош квалитет се регистрирани во Естонија, Холандија и Франција.
Најлош вкупен резултат постигна Албанија, каде што само 16,8% од местата за капење добија оценка „одлично“.
Естонија, Полска, Унгарија и Белгија исто така имаат помалку од 70% од водите со највисока оценка.
Шпанија има најголеми проблеми со реките и езерата
Кога се разгледуваат само внатрешните води, Шпанија доби најлош резултат. Повеќе од 11% од нејзините реки и езера се оценети со лош квалитет, додека само 53,1% добија највисока оценка.
Меѓу земјите со послаби резултати за пливање во реки и езера се Словенија, Португалија и Хрватска.
Зошто реките се најизложени на загадување?
Експертите велат дека реките се особено ранливи на краткорочно загадување предизвикано од обилни врнежи од дожд, излевање на отпадни води, истекување на површински води по бури, како и земјоделски активности и присуство на добиток во близина на водотеците.
Квалитетот на водата за капење се проценува врз основа на присуството на бактерии како што се Escherichia coli и цревни ентерококи, што укажува на фекална контаминација и потенцијални здравствени ризици.
Изложеноста на контаминирана вода може да предизвика стомачни тегоби, дијареја, како и инфекции на ушите, очите и респираторниот систем.
Сепак, експертите истакнуваат дека ситуацијата значително се подобрила во последните децении, благодарение на построгите еколошки прописи и инвестициите во заштитата на водите. Денес, пливањето е повторно можно во многу европски градови низ кои течат реки кои некогаш се сметале за многу загадени. Нормално, таков не е случајот со Скопје каде реката Вардар и натаму е загадена.
Во истражувањето не се опфатени Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Молдавија, Украина, Русија, Турција, Норвешка, Обединетото Кралство и Исланд.






