Home INFO Како бојадисувале јајца нашите баби?

Како бојадисувале јајца нашите баби?

реклама:Велигден со Стаф

Доколку сакате да ги бојадисате јајцата како што тоа го правеле домаќинките порано, кога немало купечка боја во кесичка, треба да ги одберете правилните продукти од природата.

Додадете сол и оцет и соодветни зеленчуци и тревки во зависност од бојата што сакате да ја добиете.

Имајте на ум дека колку повеќе ги оставате јајцата во подготвената течност толку поинтензивна боја ќе добијат.

Жолта боја:

Зачинот куркума и морковот ќе го бојадисаат јајцето жолто.

Интензитетот на бојата се зголемува со истовремено користење на двата материјали.

Земаме 3 лажици од зачинот во прав куркума и 3 лажици од изренданиот морков. Вариме 30 минути и оставаме да се излади, па ја прецедуваме смесата.

Во изладената течност ги ставаме топло сварените јајца и ги оставаме да ја апсорбираат бојата, околу 30 минути до 1 час.

Црвена боја:

Цвекло – бојата ја подготвуваме со 3 чаши сок од цвекло и 1 литар вода, на што додаваме и 1 лажица бел оцет.

Во подготвената боја, на тивок оган ги вариме јајцата околу 15 минути и ги оставаме да отстојат во неа. Колкав ќе биде интензитот на црвената боја на јајцето, зависи од тоа колку време јајцето ќе отстои потопено во течноста. Јајцата ги оставаме во течноста минимум уште 30 минути, а доколку сакаме потемна црвена боја јајцата ги оставаме и до еден час.

Окер – црвено – кафеава боја:

2-3 раце лушпи од кромид на 1 литар вода.

При бојадисување со лушпи од кромид, може да постигнеме различни нијанси на бои. Доколку јајцата после варење, со лушпите во кромид ги оставиме да отстојат кратко време во изладената течност, добиваат златно жолта боја.

Ако пак јајцата после варењето отстојат подолго време во течноста, ќе добиеме црвено кафеава боја. При бојадисување на јајцата со лушпи од кромид, често пати лушпите се користат за украсување на Велигденските јајца, со сликички во форма на разни листови или цветови.

Виолетова боја:

Сок од малини или црвено вино (домашно) за да добиеме пурпурно црвена боја. Јајцата ги вариме во течноста 15 минути и ги оставаме да се изладат во течноста во која се вареле. При користење на вино, на површината на јајцето се оформуваат мали кристалчиња.

Сина боја:

Црвената зелка ситно ја рендаме и врз неа наливаме онолку вода колку што е потребно целосно да ја покриеме и вариме 30 минути. Потоа ја оставаме да отстои 1 ден и прецедуваме.

Во оладената течност ги оставаме претходно сварените јајца да отстојат 30 минути. Течноста за бојадисување има темно црвена боја, а јајцата се бојадисуваат сино.

Портокалова боја::
Се добива со зачинот црвена пиперка – но внимавајте оставете ги јајацта само 10 минути и веднаш вадете ги.

Зелена боја:

Спанаќот ситно го сецкаме и врз него наливаме онолку вода колку што е потребно целосно да се покрие. Го оставаме така да отстои 4 часа, потоа спанаќот го вариме 30 минути и оставаме да се излади.

Во изладената течност за бојадисување ги потопуваме јајцата и ги оставаме 30 минути. Наместо спанаќ може да употребиме и коприви.

Создавање на камени (мермерни) јајца:

Ќе добиете јајца што ќе изгледаат како камени доколку пред бојадисувањето ги завиткате во газа. Вака завиткани ставете ги јајцата во сад со сина боја. Откога ќе се сварат, отстранете ја газата и ќе добиете јајца со најразлични шари што ќе се прелеваат од светла- до темно-сина боја.

Бојадисување со листови

Одберете листови и цветови од природата што ќе дадат убава шара и поставете ги правилно на јајцата. Внимавајте да не се извиткаат, па преку нив навлечете чисти најлон чорапи што ќе ги заврзете во цврст јазол (доколенките се одлично решение – поевтини се и полесни за сечење и врзување од хулахопките).
Вака подготвени, потопете ги јајцата во бојата. Варете ги по стандардната процедура, а кога ќе бидат готови, извадете ги од тенџерето и оставете ги малку да се исцедат. Потоа, исечете го јазолот со ножици и внимателно отстранете го листот. На крај, намачкајте ги со масло за јадење за да добијат сјај.

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------