Home СПОРТ Фудбал Костарика сензационално на првото место во групата – Совладана и Италија!

Костарика сензационално на првото место во групата – Совладана и Италија!

SHARE

Селекцијата на Костарика е вистинското изненадување и освежување на Светското првенство, откако ја забележа и втората победа во групата Д над селекцијата на Италија.

Костарика го зема скалпот на уште еден светски шампион во „групата на смртта“. По Уругвај, на колена падна и моќната Италија.

Костарика славеше со 1:0 над „Азурите“ со погодокот на Руиз во 44. минута и го обезбеди пласманот во нокаут-фазата и тоа на уште поимпресивен начин, освојувајќи ја првата позиција во групата на смртта, каде беа сметани за топовска храна во пресрет на Мундијалот.

Костарика не покажа респект кон репрезентативните великани, а токму тоа беше причината за одличниот настап на ова Светско првенство. Италија не успеа да го издржи пеколот во „арената Пернамбуко“ во Ресифе.

Италија играше речиси сосема различен натпревар од оној против Англија. Започнаа навистина лошо, а Костариканците носени од одличната поддршка на своите навивачи одиграа одличен натпревар.

Костарика можеше порано да дојде во водство, но чилеанскиот судија Енрике Осес не досуди чист прекршок за пенал над Џоел Кембел.

Сепак, неколку минути подоцна правдата беше задоволена и Костарика дојде до водството на натпреварот. Руиз по центаршутот од левата страна се најде на вистинското место и со одличен удар со глава го матираше Буфон.

Италијанците се обидоа да се вратат во натпреварот, но ултра офанзивната формација на Прандели не донесе резултат за „Азурите“. Костарика воопшто не паничеше, целосно го контролираше резултатот и повеќе ја посакуваше победата, а еден од најдобрите поединци на екипата беше одличниот голман Кејлор Навас.

Италија и Уругвај ќе одлучуваат во последниот меѓусебен натпревар за следниот патник во оваа група, додека Англија веќе го заврши натпреварувањето на Мундијалот по овој пораз на Италија.

Повеќе спорт на sportclub.com.mk

РЕКЛАМИ: ---