Home КУЛТУРА Настани Кубанските легенди го отвораат „Оф фест“ 2012

Кубанските легенди го отвораат „Оф фест“ 2012

SHARE

Во организација на Скопскиот џез фестивал, од 1 до 5 јуни во Скопје ќе се одржи годинашното 11. издание на Оф фест.

Фестивалот стартува со настап на популарниот кубански оркестар „Афро кубан ол старс“, предводен од една од најзначајните и највлијателните фигури на кубанската музика, главниот „виновник“ за феноменот Буена Виста Соушл Клаб, легендарниот Хуан Де Маркос.

Втората вечер е резервирана за волшебниот турски тандем Еркан Огур/Дериа Туркан, како и за македонскиот виртуоз, мултиинструменталист и професор Драган Даутовски и неговиот квартет.

На 3 јуни скопската публика ќе има прилика да ужива во концертниот перформанс на пионерите на пост-рок звукот, славните чикашки прогресивци „Тортоис“, но и во соло настапот на култната инди-поп дива Летиша Сади.

Последната фестивалска вечер, на 5 јуни, Тони Китановски и Черкези оркестар премиерно ќе го изведат во живо својот најнов проект, албумот „Шукар“, а фестивалот ќе го затворат атрактивните пустински рокери од Мали, „Теракафт“.
Сите концерти на Оф фест, со исклучок на отворањето со кубанските ѕвезди во Универзална сала, ќе се одржат во Салонот на Македонската опера и балет.

Продажбата на билетите ќе почне од 5-ти мај.

РЕКЛАМИ:
Loading...