Home СПОРТ Ракомет Металург доживеа нов убедлив пораз од Кил

Металург доживеа нов убедлив пораз од Кил

SHARE

Екипата на Металург загуби на гостувањето кај германскиот ракометен гигант Кил со 34:26 во вториот натпревар од четвртфиналето во ракометната Лига на шампиони.

Металург, можеби и очекувано, повторно загуби од германскиот и европски ракометен гигант Кил, овој пат со 34:26.

„Металурзите“ доживеаја нов убедлив пораз во четвртфиналето, откако на првиот натпревар беа поразени со 31:21.

Избраниците на Лино Червар немаа сили за изненадување, но сепак дадоа се од себе да го поправат впечатокот од натпреварот кој се одигра пред недела дена во СЦ „Борис Трајковски“.

Екипата од Автокоманда, до половината на првото полувреме се држеа во резултатски егал, најмногу благодарение на српскиот интернационалец на голот на Металург, Дарко Станиќ, кој со неколку успешни интервенции во низа, ја одржуваше неизвесноста на почетокот од натпреварот.

Сепак, „зебрите“ конечно успеаја да направат разлика, па по погодокот на Тофт Хансен, Кил направи мини серија од 3-0.

И покрај ротацијата на домаќините, Кил продолжи да ја полни мрежата на Металург. Иако нападот на Металург конечно се крена на висина на задачата, сепак тоа што ги водеше Металург во досегашните дуели во Лигата на шампионите, одбраната, не можеше да им се спротистави на суперѕвездите на Кил.

Германците играа како во транс, па на крајот од првиот дел резултатот гласеше 19:11 во корист на „зебрите“.

Во вториот дел, Митревски го замени Станиќ на голот, а македонскиот репрезентативец прими само еден гол во првите шест минути од второто полувреме.

Ренато Вугринец заработи црвен картон, по што Кил повторно влезе во ритам, успеаја да направат нова серија и, очекувано во една таква ситуација, дојдоа и до двоцифрена предност (24:14).

Во тој момент во игра влезе македонскиот бисер, екстра талентираниот Филип Талески. Металург потоа успеа да ја спушти негативата под десет гола, откако Митревски на голот успеа да одбрани уште неколку удари на домаќините, а младата ракометна надеж на Македонија, Талески постигна три погодоци.

Лино Червар им даде шанса на повеќе ракометари кои имаа помала минутажа во досегашниот дел од Лигата на шампионите, па до самиот крај бевме сведоци на убав ракомет со атрактивни потези од двете страни. На крајот резултатот гласеше 34:26 за Кил.

Кил, заедно со Веспрем, Флензбург и Барселона, ќе патува за Келн на фајнл-фор турнирот во Лигата на шампионите, а ждрепката ќе биде извршена во вторник во Виена.

Доминик Клајн беше најдобриот поединец на натпреварот со осум погодоци, а кај Металург најефикасен беше Вугринец со седум погодоци (шест во првото полувреме), пред Циндриќ со шест и Кеџо и Талески со по три гола во мрежата на противникот.

Повеќе спорт на sportclub.mk

РЕКЛАМИ:
Loading...