Home СПОРТ Ракомет Металург го растури Силкеборг и го потврди второто место

Металург го растури Силкеборг и го потврди второто место

SHARE

Ракометарите на македонскиот шампион Металург попладнево во СЦ „Борис Трајковски“ во голем стил со убедливи 32:18 го совладаа Силкеборг и со рекордни за клубот 14 бодови го освоија второто место во групата Ц од Лигата на шампионите.

И покрај тоа што конечниот резултат не влијаеше врз конечниот редослед на табелата, нашите ракометари одиграа за седумилјадната публика која на своите миленици им даваше поддршка како да е најзначајниот натпревар сезонава.

Серијата од 8:1 во средината на второто полувреме беше решавачка за високата победа на Металург кој прикажа игра за која гостите од Данска немаа решение. Во периодот кога се создаваше предноста голамнот Дарко Станиќ ја спушти „ролетната“ и беше несовладлив. Гостите во второро полувреме постигнаа само четири погодоци.

Најефикасни во составот на македонскиот шампион беа Миладин Козлина со седум, Ренато Вугринец со шест и Наумче Мојсоски со шест голови.

На првиот дуел од 10.коло во Ц група Горење на домашен терен загуби од Килце со 25:29, а колото ќе биде комплетирано вечерва со средбата Шамбери – Санкт Петербург.

Табела: Килце 20 бодови, Металург 14, Горење 12, Силкеборг 8, Шамбери 2 (натпревар помалку), Санкт Петербург 2 (натпревар помалку).

Во осминафиналната, елиминациска фаза од оваа група се пласираа Киелце, Металург, Горење и Силкеборг.

Жрепката за осминафиналето е во вторник, а можни противници на Металург се Динамо Минск (Белорусија), Атлетико Мадрид (Шпанија) и Чеховски Медведи (Русија). Првиот дуел е на 17 или 18 на гостински терен, а реваншот во Скопје ќе се одигра на 23 или 24 март.

РЕКЛАМИ: ---