Home ЗАБАВА МИНИ ВЕСТИ: Денес почнуваат најзабавните вести во Македонија!

МИНИ ВЕСТИ: Денес почнуваат најзабавните вести во Македонија!

SHARE

Информативните емисии на нашите телевизии се секогаш помеѓу најгледаните, но дали сте се запрашале како изгледаат најинтересните вести во македонскиот етер?

Тие се едукативни, забавни, културни, спортски, спонтани и секогаш искрени, нив ги водат деца од предучилишна возраст и се викаат „МИНИ ВЕСТИ“.

„МИНИ ВЕСТИ“ е дневна детска емисија со времетраење од десет минути во која улогата на „сериозни“ презентери, новинари, репортери и синоптичари ќе им припадне на најмалите и најискрените.

Детските вести се во продукција на „Хит Медиа“, а како продуцент и проект-координатор се јавува македонскиот водител, Ненад Ѓеоргиевски.

„Од кога станав родител, нормално приоритетите во животот ми се променија. Инспириран од моите деца кои како сунѓер впиваат се што ќе видат и слушнат, сфатив дека на телевизија нема детска емисија која има образовен, но и забавен карактер. Со тимот од мојата продукција решивме да ги создадеме „Мини Вести“, а децата, но и родителите во Македонија да имаат  10 квалитетни минути поминати пред телевизор“, вели Ненад.

Детските вести стартуваат денеска во 18:45 минути на „Телевизија Нова“, и уште 8 регионални телевизии низ Македонија.

„МИНИ ВЕСТИ“ постојат за деца кои незнаат да читаат весници, телопи и реклами и родители кои немаат време да одговорат на секое „ЗОШТО“?

Малите сезнајковци се подготвени, да ве информираат за се од понеделник до петок во истиот термин.

Подгответе го целото семејство и гледајте ги првите „МИНИ ВЕСТИ“, најзабавните вести во Македонија!