
| Getting your Trinity Audio player ready... |
До минатото лето се сметаше дека единствената опасност во Евбејскиот Залив – морскиот теснец што го одделува островот Евија од грчкото копно – се виолетовите медузи.
Сепак, појавата на отровната зајачка риба (Lagocephalus sceleratus), позната и како сребрена пуфер-риба, претставува нова и многу посериозна закана. Поради затоплувањето на морето и климатските промени, овој инвазивен вид сè побрзо се шири низ Медитеранот.
Рибата има исклучително силни вилици со кои може да прегризе коски, метални куки, па дури и дрво, што претставува опасност и за рибарите и за капачите.

Грчкиот Црвен крст со предупредување
Грчкиот Црвен крст ги повика граѓаните веднаш да побараат медицинска помош доколку бидат каснати од оваа риба, бидејќи нејзините заби можат да предизвикаат длабоки повреди и обилно крварење.
Дополнително, надлежните предупредуваат дека оваа риба не смее да се консумира под никакви околности. Нејзините органи и месо содржат тетродотоксин – еден од најсилните природни невротоксини, кој може да биде смртоносен.
Бидејќи за овој отров не постои противотров, зајачката риба нема природни непријатели во Медитеранот, што овозможува нејзината популација брзо да се зголемува.
Во Халкида поставуваат заштитни бариери
Во обид да ги заштитат плажите, властите во Халкида започнаа со поставување специјални пловечки бариери – први од ваков вид во Грција.
„Наша должност и примарна грижа е безбедноста на граѓаните. Превенцијата е секогаш подобра од лекувањето“, изјави заменик-градоначалникот Андонис Спанос.
Според него, локалните власти со месеци работеле на обезбедување финансиски средства и избор на најсоодветно решение.
„Ќе поставиме околу два и пол километри заштитна мрежа во заливите. Минатата година се боревме со медузите, а со ова решение ќе се заштитиме и од нив и од зајачката риба“, рече Спанос.
Тој додава дека жителите постојано се јавуваат во општината и прашуваат кога ќе бидат поставени бариерите.
„Само утрово една госпоѓа ми рече дека повторно ќе плива со своите внуци дури кога ќе бидат поставени заштитните мрежи“, вели тој.
Нови километри заштитни мрежи
Халкида не е единствениот град што презема мерки.
Инструкторот по нуркање Никос Хулиерис, кој повеќе од четири децении работи под вода, со својот тим веќе поставува нови пловечки бариери долж плажите.
„Нуркам повеќе од 40 години и никогаш не сум замислувал дека ќе се соочиме со ваква ситуација. Температурата на морето очигледно се зголеми, а тоа создаде идеални услови за ширење на овие видови“, изјави тој.
Во наредните недели во регионот ќе бидат поставени уште околу седум километри заштитни бариери.
„Не верувам дека оваа риба ќе може да ја пробие мрежата. Би требало долго време да гризе на истото место за да ја оштети“, додава Хулиерис.
Грција плаќа за секој уловен примерок
Грчката влада започна и програма за намалување на популацијата на зајачката риба.
Рибарите ќе добиваат 5,33 евра за секој килограм уловена риба, а дополнително ќе им бидат доделени субвенции за гориво преку акциски план финансиран од Европската Унија. Програмата првично ќе се спроведува на Крит и во јужниот дел на Егејското Море.
Собраните риби ќе бидат замрзнати и уништени во државни постројки.
Научниците смируваат: Не напаѓа без причина
И покрај предупредувањата, дел од научната јавност смета дека опасноста понекогаш се преувеличува.
Морскиот биолог Јоанис Батијакас од Универзитетот во Егејот вели дека за повеќе од 15 години нуркање видел само еден примерок, иако признава дека околу Крит тие се многу почести.
„Имаат големи заби и изгледаат застрашувачки. Можат да предизвикаат проблеми за рибарите и нивните мрежи, но, како и повеќето диви животни, не ги напаѓаат луѓето без причина. Доколку дојде до напад, тоа најчесто е само ако се почувствуваат загрозени“, објаснува тој.
Кипар прв алармираше
Кипарските рибари први предупредија дека зајачката риба им ги уништува уловот и рибарските мрежи.
Овој инвазивен вид, заедно со рибата лав, потекнува од Индо-Пацифичкиот регион. Научниците сметаат дека поради затоплувањето на Медитеранот навлегол преку Суецкиот канал од Црвеното Море.
Во 2024 година Кипар воведе финансиски стимулации за негово отстранување, а во рамките на државната програма од морето беа извадени повеќе од 103 тони зајачка риба.
Иако научниците предупредуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се предвидат идните трендови, едно е јасно – присуството на зајачката риба повеќе не е привремена појава, туку нова реалност со која земјите од источниот Медитеран ќе мора да се справуваат и во иднина.






