Home СПОРТ Ракомет Пораз и од Исланд: Немавме сила за комплетен пресврт

Пораз и од Исланд: Немавме сила за комплетен пресврт

SHARE

Репрезентацијата на Македонија го забележа вториот пораз на ЕП во Данска во втората фаза, откако несреќно, загуби од Исланд.

Иако можеби бевме рамноправен противник во текот на целиот натпревар и рамо до рамо се носевме со силната селекција на Исланд, немавме среќа а можеби и сила, на крајот да дојдеме до позитивен резултат кој ќе ни овозможи да се бориме за повисоко место на првенството.

Нашите ракометари, незаслужено, со 27:29 загубија од Исланд и со тоа, ги загубија шансите за борба за петтото место кое го освоивме на ЕП во Србија пред две години.

Натпреварот го започнавме одлично, отворивме со серија од 4:0 но Исланѓаните вратија и со серија од 1:3, се доближија на 5:3. Поради лошата игра во одбраната, но и разбранетиот голман Густавсон, на противникот, во средината на полувремето му дозволивме да дојде до прво водство од 7:8 а потоа, следеше нова серија од 1:3 благодарение на пикерот Гунарсон, па резултатот на семафорот изнесуваше +3 за Исланд, што беше највисоко за нив во тогашниот дел од натпреварот (8:11).

На полувремето, заминавме со негатива од три гола (11:14) а на стартот од второто полувреме, благодарение на Лазаров и Миркуловски, со серија од 3:0 изедначивме на 14:14. Во наредните неколку напади, се играше гол за гол, во фокусот на вниманието беа голманите а Исланд, со серија од 0:2 преку Сигурдсон, во 10’ од вториот дел се одлепи на +2 (15:17). На неколкупати, се враќавме – најпрво, имавме 18:18, потоа 22:23, следеше и враќање на 25:26 но немавме сила, а можеби и помалку среќа да го изедначиме резултатот. Во нападите, често грешевме, крилата на овој натпревар играа одлично за разлика од претходните мечеви, но она што недостасуваше беше играта на средниот бек, каде Немања Прибак не се снаоѓаше баш најдобро.

На четири минути пред крајот, преку Гоце Георгиевски, имавме шанса да изедначиме на 27:27, но тој направи престап а веднаш во наредниот напад, Стоилов заработи двеминутно исклучување, што на Исланѓаните им донесе бројчана предност на теренот која ја искористија и зголемија на +2 (26:28).

Пред крајот, поради преостра реакција поради недосуден пенал, Миркуловски заработи двеминутно исклучување, иако со играч помалку, Лазаров успеа да намали на -1 на минута пред крајот (27:28) но во наредниот напад, Јонсон погоди од пикерската позиција по што беа поставени конечните 27:29 на семафорот во салата во Хернинг.

Најефикасен играч кај Македонија беше Кире Лазаров со седум постигнати гола, Манасков и Георгиевски постигнаа по пет, додека Ангеловски и Миркуловски, имаа по три. Кај Исланд, незапирливи беа Сигурдсон и Халгримсон со шест гола, додека пикерот Гунарсон, за кого немавме лек, постигна четири гола од пет обиди. На голмански план, Густавсон забележа 13 одбрани додека Ристовски, забележа 11.

Сега, нашата селекција највисоко може да стигне до деветтото место, гледајќи на фактот дека наредниот натпревар го игра против силната Шпанија, која во квалификациите, не порази на двапати. На првото место во групата кај нас, се наоѓа Данска, која има максимален учинок и вечерва игра против Данска, на второто место, скокна Исланд со пет освоени бода, третопласирана е Шпанија со четири и со еден натпревар помалку, додека на четвртото место, се наоѓа Унгарија со три бода. На петтото место, се наоѓаме ние со два бода додека фенерџија во групата е Австрија, која во втората фаза нема ниту еден бод.

Наредниот натпревар против Шпанија, го играме за два дена, повторно од 16 часот.

Во соработка со sportclub.mk

РЕКЛАМИ:
Loading...