Home СПОРТ Ракомет Вардар не дозволи сензација во СРЦ „Кале“: Нексе падна во Скопје

Вардар не дозволи сензација во СРЦ „Кале“: Нексе падна во Скопје

SHARE

Екипата на РК Вардар во СРЦ „Кале“ не дозволи сензација откако со 29:27, славеше над хрватскиот претставник во ракометната СЕХА Лига, Нексе.

Иако на оваа средба, актуелниот шампион на Македонија беше без својот најдобар ракометар Тимур Дибиров и без тренерот Зоран Кастратовиќ на клупата, кој остана без работа, РК Вардар не дозволи сензација и славеше над хрватскиот претставник со два гола разлика.

На стартот, „црвено-црните“ натпреварот го започнаа добро и обезбедија водство, но потоа следеше мал пад на играта во средината на првиот дел, кој Нексе го искористи и со една мини-серија од 0:2, дојде до водство од 9:10. Вардар врати со иста мера, поведе со 11:10 а одтогаш, па се до крајот на првиот дел (16:15) и воедно, воведните 10 минути од вториот, се играше гол за гол (19:18).

Серијата ја прекинаа Марковиќ и Душебаев, кои постигнаа два гола во низа и му донесоа предност на Вардар од +2 (21:19), имаше предност и од +3 (26:23) но потоа, Лелиќ и Вулиќ вратија со иста мера (26:25) и го доведоа натпреварот во неизвесна завршница.

Нападите се играа долго и трпеливо а на една минута пред крајот, благодарение на интервенцијата на Малумбрес, актуелниот шампион на Македонија го врати водството од +2, кое го чуваше мирно до крајот на натпреварот (29:27).

Најефикасен во редовите на РК Вардар беше Филип Лазаров со шест погодоци додека по него, следеа Лука Раковиќ и Добривоје Марковиќ со 5, Душебаев и Стоилов со по три, Тоскиќ и Чипурин со по два и Петриќ и Абутовиќ со по еден. На голмански план, Златко Даскаловски забележа пет одбрани (5/21) додека Ињаки Малумбрес, забележа три (3/14).

Во редовите на гостите од Хрватска, најефикасен беше Игор Вујиќ со седум постигнати гола.

Со оваа победа, по шест одиграни средби, РК Вардар има четири победи, едно реми и еден пораз и се наоѓа на второто место со ист број на бодови колку и првопласираниот Татран Прешов, додека Нексе е на шестата позиција и има седум освоени бода.

Во соработка со: sportclub.mk

РЕКЛАМИ:
Loading...