Home КУЛТУРА Настани Завршува Фестивалот на класична музика „Интерфест“

Завршува Фестивалот на класична музика „Интерфест“

SHARE

Во Битола  вечерва ќе биде спуштена завесата на 21. издание на Фестивалот на класична музика „Интерфест“ кој во изминатите десет денови понуди врвни музички остварувања на уметници од државата и странство.

Свеченото затворање им е доверено на членовите на камерниот оркестар при Факултетот за музичка уметност од Скопје чиј гостин е виолинистот Франсис Дирој од Франција и кои под диригенство на Велко Тодевски ќе изведат дела од Бах, Елгар, Шуберт и Шуплевски.

Годинава на „Интерфест“ во Битола настапија виолончелистот Норберт Ангер од Германија, пијанистката Милена Молова од Бугарија, сопранот Еугенија Буа од Шпанија, но и истакнатите македонски уметници Виктор Карапанџов и Невенка Трајкова, кои синоќа одушевија со својот музички рецитал како и битолското трио „Интерарт“ кои по серијалот настапи низ државите во Европа приредија целовечерен концерт и на домашна сцена.

Според востановената традиција и годинава во рамките на фестивалот се одржа интернационален пијано натпревар за млади талентирани пијанисти, поетска вечер и театарска претстава, а овој пат за гостите беше изведен спектаклот на битолскиот театар „Хенри Шести“, информираат од „Интерфест“.

Фестивалот на класична музика „Интерфес“ секоја година се одржува под покровителство на Министерството за култура, со поддршка на општина Битола и во партнерство со националните установи Завод и Музеј, Народен театар и Центар за култура, како и Државното средно музичко училиште во Битола.

РЕКЛАМИ:
Loading...