Home КУЛТУРА Кино „Жучко-повеќе од игра“ по Скопски филмски на кино репертоарот во Рамстор

„Жучко-повеќе од игра“ по Скопски филмски на кино репертоарот во Рамстор

SHARE

Радивој Корач, некогаш најдобриот кошаркар во светот, кој внесе револуција не само во српската и во југословенската кошарка, туку беше и првата вистинска поп ѕвезда во социјалистичка Југославија е централниот лик на филмот „Жучко-повеќе од игра“.

За филмот, кој вчера беше прикажан на Скопскиот филмски фестивал, на денешната прес-конференција говореше режисерот Гордан Матиќ подвлекувајќи дека е обид да се сочуваат спомените за луѓе и настани од поранешна Југославија кои беа великани во својот домен.

– Како кошаркар Корач беше величина, но мене повеќе ме интересираше она што тој беше надвор од спортскиот терен и што ме привлече да го снимам овој филм, а тоа е неговото влијание на општеството, на неговото опкружување. За тоа колку тој како индивидуалец може да стори, но и кој било од нас за работите да бидат подобри, ако ги препознае и ги промовира вистинските вредности. Ми се чини дека тој тоа несвесно го работел, едноставно бил таков, вели Матиц.

Дополнителна провокација му било желбата да ги сними сведоштвата на неговите соиграчи и на луѓе кои го помнат и да се долови што поавтентично животописот за оваа спортска легенда.

Покрај потешкотиите во обезбедување на финансиската конструкција, за режисерот тешка била одлуката и да се направи селекција за тоа што да влезе во 85-минутната фимска приказна од обемниот материјал што го собрал од архиви од клубови и над стотината интервјуа со личности, меѓу кои сегашни и некогашни кошаркашки ѕвезди. За поголема емпатија кај гледачите применил играно-документарна структура.

Филмот, чија премиера се одржа во Белград на 16 февруари, е одлично примен од публиката и критиката. Досега, во Србија го имаат видено над 21 илјада гледачи.

Инаку, за својот прв долгометражен игран филм Матиќ ја доби Главната награда за режија и за најдобар странски филм на Фестивалот во Палермо. По Скопскиот филмски фестивал му претстојат прикажувања на фестивалите во Измир, Порторож, Москва, а чекаат официјална потврда и за учество на фестивалите во Сараево и Барселона.

Улогите во филмот, кој е српско-словенечка копродукција, ги толкуваат Владимир Алексиќ, Катарина Радивојевиќ, Никола Цеснер. Оригиналната музика е на Дарко Рундек, а ја изведува Рундек Карго трио.

Од петок (27 април) филмот ќе се најде на редовниот репертоар на киното во Рамстор.

РЕКЛАМИ:
Loading...