
| Getting your Trinity Audio player ready... |
Во една помалку очекувана, но симболична одлука во трендот на враќање на култни наслови, филмот „Валкан танц“ (Dirty Dancing) добива продолжение. Филмот кој обележа генерации, стана дефиниција за романса и засекогаш го промени поп-културното лице на 80-тите, се враќа на големото платно, а во центарот на приказната повторно ќе биде Џенифер Греј во улогата на Франсис „Бејби“ Хаусман, пишува „Пипл“.
Иако оригиналот од 1987 година одамна стекна статус на класика, а во 2024 година беше вклучен во Националниот филмски регистар на САД поради својата културна и историска важност, Холивуд очигледно смета дека приказната сепак може да продолжи – овојпат со временска дистанца и поглед на тоа каде е Бејби денес.
Продолжението ќе го продуцира „Лајонсгејт“ (Lionsgate), а филмот ќе биде под водство на искусното холивудско дуо Нина Џејкобсон и Бред Симпсон, познати по успешни франшизи како „The Hunger Games“ и „Crazy Rich Asians“. Снимањето е планирано за подоцна оваа година, поради одложувања предизвикани од штрајковите во Холивуд кои ја поместија првично најавената премиера за 2024.
Режисерот Џонатан Левин, кој првично требаше да режира, ќе остане во улога на извршен продуцент, додека режисерот за конечниот филм сè уште не е објавен. Сценариото го потпишува Ким Розенсток, позната по сериите „Dying for Sex“, „GLOW“ и „Only Murders in the Building“.
Џенифер Греј, која ќе има и улога на извршен продуцент, нагласи колку ѝ значи враќањето на ликот Бејби:
„Улогата на Бејби секогаш имаше посебно место во моето срце и во срцата на публиката низ светот. Години се прашував каде е Бејби денес и каков е нејзиниот живот, но требаше време да се собере тим на кој можам да му ја доверам наследството на оригиналниот филм.“
Детали за останатите улоги и самата приказна сè уште не се објавени.






