
| Getting your Trinity Audio player ready... |
Земјата на Изгрејсонцето, дом на 19 нобеловци, земја со највисоко ниво на писменост, а најниска стапка на криминал, како и држава во која просечниот животен век е дури 84 години – сето тоа е Јапонија и многу повеќе.
Јапонската култура е една од најбогатите, најнапредни и по многу нешта специфични култури во светот. Она по што Јапонија се издвојува е нејзиното општество, кое е истовремено екстремно модерно и екстремно традиционално.
Во оваа земја модерното и традиционалното не се поништуваат едно со друго, туку постојат паралелно, и токму тој судир често произведува појави кои за остатокот од светот изгледаат бизарно.
Во Јапонија можете да изнајмите сè
Една од таквите бизарни појави во денешна Јапонија е тоа што можете да изнајмите речиси сè што ќе ви падне на ум. Пријател за венчавка, лажен дечко за семеен ручек, човек кој ќе даде отказ наместо вас. Но, една од најнеобичните услуги што во последните години го привлече вниманието на светот дефинитивно е можноста за изнајмување баби.
Во Јапонија постојат агенции кои нудат опција „изнајми баба“, односно постара госпоѓа која ќе готви со вас, ќе разговара, ќе ви дава животни совети или ќе помага околу децата.
И колку и да звучи како интернет-шега, зад неа всушност се крие многу сериозна општествена приказна.
Една од најпознатите такви услуги доаѓа од Токио, каде што агенциите им нудат на луѓето можност за ангажирање постари жени со различни животни искуства за секојдневни ситуации.
Некои баби им помагаат на младите родители кои немаат поддршка од семејството, други ги подучуваат како да приготват традиционални јапонски јадења, а трети едноставно ги слушаат луѓето кои се осамени. Цената најчесто се движи од 20 до 25 евра на час, плус трошоците за превоз.
Приказната е многу покомплексна отколку што изгледа
Јапонија со години води сериозна борба со осаменоста и социјалната изолација. Земјата има една од најстарите популации на светот, сè повеќе луѓе живеат сами, а традиционалните семејни структури полека исчезнуваат. Многу млади се селат во големите градови, работат исцрпувачки работи и ретко го гледаат семејството. Од друга страна, голем број постари луѓе исто така остануваат сами.
И токму тука настанува овој необичен спој на потреби. Постарите жени добиваат чувство на корисност, друштво и дополнителен приход, додека помладите луѓе добиваат нешто што технологијата сè уште не може да го симулира, човечка топлина.
Интересно е што Јапонија не е единственото место каде што луѓето почнале да „изнајмуваат емоции“.
Во Јужна Кореја со години постојат услуги за изнајмување пријатели и партнери за општествени настани. Во Кина, младите за Кинеската Нова година знаат да изнајмат лажни девојки и момчиња за да го намалат притисокот од семејството поради брак.
Во Америка и во Европа во последните години експлодираа апликациите за „изнајми пријател“ за дружења, каде што луѓето плаќаат некого да оди со нив на концерт, вечера или едноставно да помине ден во разговор.
Изнајмувањето емоции е сè попопуларно
Но, јапонскиот концепт „изнајми баба“ сепак има нешто емотивно во себе. Можеби затоа што нè потсетува колку се важни обичните односи, кои често ги земаме здраво за готово. Бабата во таа приказна не е само личност која готви или дава совети. Таа симболизира некое друго време, трпение и чувство на дом што модерните градови сè потешко го обезбедуваат.
Интересно е што многу корисници на овие услуги не се осамени луѓе без семејство, туку лица кои сакаат накратко да почувствуваат поинаков вид блискост.
Во општество кое станува сè побрзо, подигитално и поиндивидуално, дури и најобичните човечки односи почнуваат да дејствуваат како луксуз и можеби токму затоа целата работа толку ги фасцинира луѓето низ светот. Затоа што зад бизарниот наслов за „изнајмување баби“, всушност, стои прилично тажна, но и многу човечка вистина – дека осаменоста и потребата за блискост станале толку големи што некој одлучил да ги претвори во услуга.






