АУДИО ВЕСТ:КЛИКНИ НА ПЛЕЕРОТ И СЛУШАЈ!
Getting your Trinity Audio player ready...

Американските ресторани во градовите домаќини на Светското првенство во 2026 година планираат да воведат задолжителен бакшиш за да им излезат во пресрет на меѓународните посетители кои не се запознаени со американската култура на оставање бакшиш.

Бидејќи келнерите и шанкерите во САД во голема мера зависат од бакшишот, а нивните основни плати често се под законскиот минимум, угостителите сакаат да обезбедат нивните вработени да бидат соодветно платени за време на Светското првенство во фудбал. Овој потег доаѓа во време кога навивачите веќе се соочуваат со енормно високи цени за летови, сместување и билети.

Различни пристапи во градовите домаќини

Во очекување да пристигнат милиони странски гости, дел од рестораните планираат бакшишот автоматски да го вклучат во конечната сметка. Така, ресторанот „Т’с Бранч бар“ во Атланта ќе го зголеми постојниот бакшиш од 18 на 20 отсто.

– Не е дека тоа е лоша работа, но луѓето од други култури едноставно не оставаат бакшиш. Во другите земји не се навикнати на тоа – вели сопственичката на ресторанот, Тенешија Мари Батлер.

Слични мерки се разгледуваат и во други градови. Во Бостон, дел од угостителите предложиле задолжителен бакшиш од 20 отсто. Стив ди Филипо, сопственик на ресторанот „Давио’с“ и член на управниот одбор на Здружението на ресторани на Масачусетс, вели дека гостите ќе бидат известени за оваа мерка преку порака на менито.

Тој нагласил дека потегот е клучен за заштита на работниците.

– Нашите келнери и шанкери се крвотокот на нашиот бизнис и не можеме да дозволиме да страдаат – вели тој.

Сепак, не сите се согласуваат со оваа практика. Џорџ Пантос, сопственик на пабот и ресторанот „Џими“, повеќе би сакал да постави известувања кои ќе ги потсетуваат гостите да остават бакшиш, верувајќи во нивната добра волја.

Грижа за вработените и можен револт кај гостите

Грижата за благосостојбата на вработените е главната причина поради која во Канзас Сити се предлага задолжителен бакшиш. Мајк Бурис, извршен директор на Здружението на ресторани на Мисури, вели дека здружението им препорачува на рестораните да додаваат задолжителен бакшиш на сметките за време на шесте недели од шампионатот.

– Да бев келнер, не би бил среќен да служам некого 90 минути, а потоа да не добијам бакшиш затоа што некој не ги познава локалните обичаи – објаснил Бурис.

Иако се очекува мерката да биде привремена, таа доаѓа во период кога и самите Американци се соочуваат со финансиски предизвици. Дејвид Хенкс, виш директор во компанијата за истражување на пазарот на храна „Техномик“, смета дека задолжителниот бакшиш би можел да предизвика незадоволство кај локалното население.

РЕКЛАМИ: