Бети Стаменкоска Трајкоска - Градоначаник на Општина Кисела Вода
АУДИО ВЕСТ:КЛИКНИ НА ПЛЕЕРОТ И СЛУШАЈ!
Getting your Trinity Audio player ready...

Општина Кисела Вода овој викенд отвора ново културно поглавје посветено на најмладите. Во пресрет на премиерното издание на првиот детски музички фестивал „Киселко“, кој ќе се одржи оваа сабота во Домот на култура „Билјана Беличанец“, разговараме со градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска. Таа ја открива визијата зад овој нов проект, процесот на селекција на малите таленти и самата организација на претстојниот настан.

За првпат, Кисела Вода добива свој детски музички фестивал. Која е приказната зад новиот културен бренд „Киселко“ и што значи овој проект за Општина Кисела Вода?

Кога размислувавме на кој начин суштински да го збогатиме културното живеење на нашите најмлади, се водевме од идејата да создадеме простор каде нивната креативност природно ќе дојде до израз. Така настана „Киселко“, како нов културен бренд на Кисела Вода и директна платформа за промоција на детските таленти. Сакавме да им овозможиме вистинска сцена на која ќе можат слободно да ги направат своите први музички, сценски чекори. Оваа сабота, со почеток во 13 часот, во Домот на култура „Билјана Беличанец“ премиерно ќе прозвучат 12 сосема нови детски песнички, создадени специјално за оваа намена.

Ова е проект преку кој ги обединуваме децата, ги едуцираме и директно вложуваме во градењето вистински вредности кај новите генерации.

За да се стигне до овие 12 финални изведби, претходеше сериозен процес на селекција. Како се одвиваа аудициите и кој сè ќе застане на сцената во сабота?

Сакавме квалитетот да биде на највисоко ниво, па затоа процесот на аудиции беше исклучително внимателен, стручен и транспарентен. Изборот на талентите го направи стручна комисија составена од наставниците по музичко образование од нашите основни училишта во Кисела Вода, кои најдобро ги познаваат капацитетите на децата. На сцената ќе видиме вистински мали ѕвезди. Покрај одличните соло изведувачи, тука се и талентираните хористи, сите ученици од нашите основни училишта,  а за целосниот сценски спектакл и разиграна атмосфера ќе се погрижи изведувачката танцова група „Данса Латина“, која ќе ги придружува во текот на настапите.

Подготовките се во самиот финиш. Дали имавте можност да ѕирнете како изгледаат изведбите пред официјалната премиера?

Да, токму вчера бев присутна на генералната проба и морам да признаам дека сум навистина воодушевена од она што го видов и слушнав. Енергијата во салата е неверојатна! Искрените детски насмевки, нивниот труд и ентузијазам, се нешто што веднаш ве освојува. Секое од тие деца настапува со толкава љубов и посветеност, што веќе изгледаат како вистински мали професионалци на сцената. Совршено се вклопени со танчерите и сигурна сум дека публиката во сабота ќе ужива во еден прекрасен, емотивен и радосен настан кој долго ќе се прераскажува.

Реализирате настан со висока аудио-визуелна продукција, а учеството за децата е целосно бесплатно. На кој начин се заокружи целата организација за фестивалот да биде достапен за сите талентирани дечиња, без разлика на финансиските можности на нивните семејства?

Тоа е делот со кој можеби најмногу се гордеам. Сите песни и целосното учество се потполно бесплатни за дечињата.  Семејствата на учесниците немаат апсолутно никаква финансиска обврска. Самиот фестивал се работи во соработка со „Стробери Груп“, продукција која е специјализирана за детски и младински телевизиски проекти, со што гарантираме врвна професионална аудио-визуелна презентација. Ова е вистински доказ дека кога имаме искрена намера и визија, можеме да обезбедиме еднакви можности и врвен квалитет за секое талентирано дете.

 За крај, дали по саботната премиера публиката ќе има можност повторно да ги слушне овие изведби? Каква е долгорочната визија за фестивалот и за самите учесници?

Саботната премиера на “Киселко”во Домот на културата “Билјана Беличанец” и телевизиското претставување на ТВ24 се навистина само почеток на оваа приказна. Сакаме овие песни да стигнат до што поголем број луѓе, па затоа дечињата ќе настапат со истиот фестивал и на отворено, пред сите наши жители во рамки на Културното лето на Општина Кисела Вода, кое ќе се случува овој месец. Дополнително, планираме и уште една посебна изведба која ќе има хуманитарен карактер. Што се однесува до самите учесници, нивниот музички пат допрва се отвора. Од септември веќе имаме конкретни планови за понатамошен пласман на песничките и континуирана промоција на овие млади таленти. Ова е само прво издание на „Киселко“, но нашата намера е јасна, фестивалот да прерасне во убава годишна традиција.

 

 

РЕКЛАМИ: