АУДИО ВЕСТ:КЛИКНИ НА ПЛЕЕРОТ И СЛУШАЈ!
Getting your Trinity Audio player ready...

Италијанската финансиска полиција спроведе голема акција против нелегалниот стриминг и пиратските претплати, а овојпат на удар не се само организаторите и препродавачите, туку и крајните корисници.

Првите 1.000 идентификувани корисници кои користеле пиратски услуги ќе добијат парични казни во износ од 154 до 5.000 евра.

Акцијата, наречена „Tutto Chiaro“, била спроведена од финансиската полиција во Равена, по истрага насочена кон нелегално дистрибуирање на содржини од платформи како Netflix, Disney+, Sky, DAZN и Spotify.

Истражителите откриле софистициран систем базиран на апликацијата Cinemagoal, која им овозможувала на корисниците пристап до заштитени содржини без легална претплата. Според наводите, системот користел сервери и виртуелни машини кои постојано преземале кодови од легални претплати и ги пренесувале до пиратските корисници.

Особено внимание привлекол фактот што апликацијата била дизајнирана да го отежни откривањето на корисниците, што било една од главните причини за нејзината популарност.

Во рамки на акцијата биле извршени повеќе од 100 претреси и заплени низ Италија, а властите проценуваат дека штетата предизвикана од пиратската мрежа изнесува околу 300 милиони евра.

Италијанските власти нагласуваат дека пораката е јасна – нелегалното гледање спортски натпревари, филмови и серии повеќе не се смета за безопасен прекршок и санкции можат да добијат не само организаторите, туку и корисниците на ваквите услуги.

Дополнително, експертите предупредуваат дека користењето пиратски апликации носи и ризик од кражба на лични и финансиски податоци, бидејќи ваквите сервиси често работат надвор од законските рамки и без соодветна заштита.

Истрагата сè уште трае, а властите не исклучуваат можност за нови казни и идентификација на дополнителни корисници во наредниот период.

РЕКЛАМИ: