
| Getting your Trinity Audio player ready... |
Европската комисија отвори формална истрага против Грок, четботот со вештачка интелигенција на платформата Икс на Илон Маск, за наводно дистрибуирање нелегална содржина, како што се монтирани сексуални слики, со што се крши правото на ЕУ, објави извршното тело на ЕУ, пренесува Ројтерс.
Масовното производство и дистрибуција на илјадници сексуално експлицитни слики од жени и деца од страна на xAI Grok на Маск е проблем со недели, а европските регулатори се обидуваат да најдат решение.
Истрагата ќе испита дали Икс ги исполнил своите обврски според европското дигитално право, вклучувајќи ги барањата за ублажување на ризикот, управување со содржини и заштита на основните права, претходно објави ирската европратеничка Реџина Доерти, поздравувајќи ја одлуката на Комисијата да започне формална истрага.
„Кога ќе се појават веродостојни информации дека системите со вештачка интелигенција се користат за да им наштетат на жените и децата, важно е европското право да се испита и спроведе без одлагање“, рече Реџина Доерти во својата изјава.
На почетокот на јануари, Европската комисија објави дека сликите од голи жени и деца што се шират на платформата Икс се нелегални и одвратни, придружувајќи се на хорот на службеници од целиот свет што го осудуваат низот случаи на објавување на визуелен материјал без согласност на платформата. Во исто време, таа објави воведување мерки на претпазливост по скандалот со сексуални слики од малолетници создадени од Грок, наредувајќи ѝ на платформата Икс на Илон Маск да ги задржи сите внатрешни документи и податоци поврзани со четботот за вештачка интелигенција Грок до крајот на 2026 година.
Затоа, Комисијата одлучи да ја продолжи наредбата за зачувување на податоци испратена до Икс минатата година, која се однесуваше на алгоритмите и ширењето на нелегална содржина, изјави портпаролот Томас Рејниер денес за новинарите.
ЕУ му изрече казна од 120 милиони евра на Икс на почетокот на декември за кршење на Регулативата за дигитални услуги (DSA), и покрај постојаните закани од Доналд Трамп, кој ја обвинува Европската Унија дека ги таргетира технолошките гиганти.
На 12 јануари, Ofcom, британскиот регулатор за безбедност на интернет, денес објави започнување на формална истрага за платформата Икс во врска со сексуалните слики објавени од Грок, четботот за вештачка интелигенција на платформата на Елон Маск.
„Постојат многу загрижувачки извештаи дека Грок АИ се користи на Икс „за креирање слики од голи луѓе – што може да претставува јавна непристојност или порнографија – како и сексуални слики од деца кои може да претставуваат детска порнографија“, според соопштението издадено од Ofcom во тоа време.
На почетокот на јануари, британската влада го повика X да најде „итно“ решение за да се спречи ширењето на лажни, „скандалозни“ слики од голи жени создадени од Grok.






