АУДИО ВЕСТ:КЛИКНИ НА ПЛЕЕРОТ И СЛУШАЈ!
Getting your Trinity Audio player ready...

Во политиката нема лесни денови, а уште помалку лесни избори – особено за жените.
Пратеничката Бети Стаменкоска-Трајкоска зборува за својата мисија, поддршката од семејството, потребата жените да се слушнат погласно и причината зошто секој успех го мери со насмевките на своите најблиски.

Како изгледа едно Ваше совршено слободно утро – кога нема состаноци, расправи и обврски?

Станувам многу рано. Утрото ми е омилениот дел од денот, а денот го започнувам со кафе и добра музика – најчесто џез музика.
Секогаш, дури и слободниот ден ми е однапред испланиран, а тој ден најчесто се посветувам на домашните обврски. Живееме во семејна куќа и тоа ми дава удобност, но бара и голема посветеност.
Кога сме сите дома сакам и практикуваме да појадуваме и да ручаме сите заедно, будејќи смејната трпеза за мене е еден семеен ритуал во кој си ги споделуваме сите случувања, достигнувања, пречки и планови.
Во моето секојдневие неизбежен дел се моите соседи. Уживам во разговорите, смеата и помошта што секојдневно си ја пружаме. Семејството и соседите ги вбројувам во она што се нарекува мое совршено секојдневие.

Што најмногу Ве релаксира по напорен ден – добра книга, шетање или можеби тишина?

Не секогаш имам доволно време да се релаксирам, а посебно додека трае учебната година. Завршетокот на еден напорен ден ми продолжува во разговори со децата за тоа како тие си го поминале денот, подготовки за следниот, а време за релаксирање за мене е секогаш – утрото. Затоа најмногу го сакам утрото.
Честопати има напорни денови, но кога ќе погледнам во очите на моите дечиња, знам дека секој напор е вреден и целата тежина одеднаш исчезнува.

Кога последен пат се насмеавте до солзи и зошто?

Смеа до солзи предизвика една случајна средба со другар од детството, на кого денс сум му кума. Спонтано се присетивме на нашето детство, на тоа какви сме биле некогаш, а какви сме денес. Понекогаш…со некои луѓе, само да се погледнеме во очи, пред нас оживува токму тој момент кој некогаш ни предизвикал смеа до солзи, па и без да изустиме и збор, смеата започнува.

Дали имате некое скриено хоби или талент што јавноста сè уште не го знае?

Како креативно хоби би издвоила дизајнирање постери. Сакам активности на отворено. Порано често одевме на кампување, а сега само ја одржуваме опремата. Ќе има денови за одмор.
Денес сум исправена пред многу поодговорни задачи и предизвици, бидејќи како народен пратеник, приоритет ми се граѓаните и борбата за подобра иднина во Македонија.
Готвењето не е хоби, но да, обожавам да готвам за домашните.
Од честите патувања во минатото научив дека една култура најубаво се запознава преку кулинарството, а добрите рецепти ги практикуваме и дома. Без оглед дали станува збор за подготовка на блага или солена храна, се радувам кога мојот талент за готвење го покажувам пред домашните. Често им правам Тарт колач – во солена или блага варијанта.

Која песна Ве расположува, дури и кога денот не започнува баш најдобро?

Песната Bogie wonderland, онаа верзија од францускиот филм Intouchables. Секогаш си велам – може да биде и полошо, да гледаме на светлата страна од животот, а со убава енергија сè е можно и сè може да биде убаво.

Во каква облека се чувствувате нај „своја“ – формално или опуштено?

Што и да имаме облечено, чувството на самодоверба доаѓа од друго место…
Во овој период од мојот живот, ја бирам формалната облека. Голема е улогата што ми ја има доверено партијата и народот и сакам максимално да бидам посветена, односно да изгледам онака како што доликува, а истовремено да се чувствувам удобно.
Марамите се дел од моето секојдневие и со нив можам да кажам дека „јас си сум јас“.
Затоа, тие се неизоставен дел од мојата облека.

Кој филм или серија ви остави најсилен впечаток во последно време?

Искрено одамна немам гледано филм, а уште повеќе серија. Последно што имам гледано е the Diplomat, ама верувајте нешто омилено ми е Викенд на мртовци.
Тоа е она „македонско чудо“, кое колку пати и да го гледаш, имаш чувство дека не си видел сè и секогаш ја предизвикува истата смеа како кога си го гледал за прв пат.

Кога не сте „на функција“, каков е муабетот со блиските? Политика или „сè освен тоа”?

Сè освен тоа. Дома имам двајца тинејџери, а тоа значи еден ден се тешиме, еден се храбриме, а друг ден се советуваме… никогаш доста од разговори по дома.
На децата им е потребен родител, но и психолог и доктор, другар и сопатник…а сето тоа го бараат и го очекуваат од мајката.
Со нив во еден момент сум дете, во другиот родител, во третиот учител…но мајката е подготвена за секоја улога што ќе и ја наметнат децата и нема поголема радост од деца кои се гордеат со својата мајка и уживаат во секој миг со неа. Со блиските избегнувам да говорам за политика бидејќи барем кога сум со нив сакам опуштени разговори. Сите имаме што да си кажеме, за што да се пофалиме, да се пожалиме…
Сепак, често пати несвесно и несакајќи политиката навлегува меѓу нас и поплаките што ќе ги слушнам, се трудам да бидат надминати.
Мојата работа е таква, што кога блиските се жалат на несредена улица, отсуство на улично осветлување, недостаток на клупи во парк и слично, иако тоа се нешта кои не ги вбројуваме во разговори за политика, чувствувам обврска и должност да реагирам за да бидат средени. Кога сè ќе се собере, политиката, признале ние или не, е дел од нашето секојдневие.

Колку е предизвик да се биде активна жена во политиката денес – особено кога паралелно сте и мајка и сопруга?

Да се биде активна жена во политиката, а во исто време и сопруга и мајка, е голем предизвик, но и привилегија. Велат дека зад секој успешен маж стои успешна жена, но јас би рекла – зад секој успех стои поддршката од семејството.
И верувам дека предизвикот е ист без оглед дали станува збор за маж или жена. Политиката бара многу време, енергија и посветеност, а семејството ми е извор на сила и мотивација. Научив дека вистинскиот баланс е да бидеш целосно присутна таму каде што си во моментот – било во парламентот, било дома, со моите најблиски.
Оваа двојна улога ми помага подобро да ја разберам реалноста и потребите на граѓаните, особено на жените и семејствата. За мене, тоа не е товар, туку причина повеќе да бидам посветена и упорна. Со поддршката од сопругот и семејството – секој успех е достижен. Што и да бидеш во животот, ако на крајот од денот имаш среќно семејство – си успеал. Во спротивно сè е залудно.

Сметате ли дека жените на јавни функции се уште мора да вложат повеќе труд за да се сфатат сериозно?

За жал ДА! Иако сме во 21 век, сè уште постои чувство дека жените на јавни функции мораат да се докажуваат повеќе. Често сме под поголема лупа, не само за нашата работа, туку и за нашиот изглед, тон на глас, па дури и за тоа како се облекуваме. Но, тоа истовремено ни дава и дополнителна мотивација да покажеме дека компетентноста, одговорноста и посветеноста немаат пол. Верувам дека со повеќе жени на одговорни позиции и со поддршка од општеството, оваа перцепција постепено ќе се менува.

Што би ѝ порачале на млада девојка која сака да се вклучи во политичкиот живот, но има дилеми поради стереотипите или осудите од околината?

На секоја млада девојка која размислува дали да се вклучи во политиката ѝ велам: твојот глас е твојата сила, а твоето присуство е промената што ја очекуваме. Стереотипите и предрасудите се само бучава што ја прават оние кои се плашат од нови перспективи и нова енергија. Политиката нема да се промени сама – таа се менува кога ние, жените, ќе застанеме на своето место и ќе кажеме: „Јас припаѓам тука“. Да се биде жена во политиката е предизвик, но е и привилегија затоа што секој твој чекор отвора пат за други. Твојата амбиција нека биде биде погласна од стравот, а твојата визија појасна од сомнежите. Не ја чекај совршената средина – создај ја и не заборавај: никој нема право да ти го одземе сонот да придонесеш за својата земја. Ќе има моменти кога ќе те осудуваат, но и моменти кога ќе сфатиш дека си инспирирала некоја друга млада девојка да верува дека и таа може. Тоа е најголемата победа!

Што е она што ве мотивира да продолжите понатаму и дали веќе ја гледате следната фаза од Вашето политичко делување?

Резултатот од сработеното е мотивот. Сега е поинаку, гледаме реализација на ветени проекти од централно ниво, но и од локално ниво во мојата општина Кисела Вода. Каде и да одиме, секогаш е најубаво дома.
Мојот фокус е Македонија и секако, најубавата општина за мене, а тоа е Кисела Вода.
За мене, политиката не е само работа – таа е и лична одговорност. Секој успех, секој чекор напред, е поттик да замислувам уште поамбициозни проекти и идеи за иднината. Го гледам потенцијалот околу мене и тоа ме води кон следната фаза – уште посистематски да работам за подобрување на секојдневниот живот.
Имам сила, имам мотив и сакам да вложам уште повеќе енергија и посветеност таму каде што знам дека можам да придонесам најмногу.

РЕКЛАМИ: