
| Getting your Trinity Audio player ready... |
„Едвај чекам“ – коментираше Дејвид Гета на објавата, а од Авалон ги објавија сите детали за влезници за најголемиот музички настан во Македонија: „Сите влезници ќе чинат 35 денари, а достапни ќе бидат влезници за стоење и седење (трибина). Трибините се нумерирани и потребно е да одберете седиште при купувањето“.
По повод 35-годишнината од независноста на Македонија, вчера Бобан Милошески од „Авалон“ објави дека на 8-ми септември, ќе се случи голем музички настан.
Настаните за прослава на овој празник ќе се одржуваат од 8 август до 8 септември, а на последниот и главниот ден, на градскиот стадион во Скопје, ќе настапи светски познатиот диџеј Дејвид Гета.
Бобан најави дека шоуто од музички и продуцентски аспект е нешто досега невидено во европски рамки, но и дека за првпат стадионот ќе се наполни на сите четири трибини и на терен за музички настан.
Денес од Авалон ги објавија сите детали за тоа како може да дојдете до влезница за најголемиот настан досега:
ПОЗНАТИ СИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА DAVID GUETTA – THE MONOLITH SHOW КАКО ДЕЛ ОД ПРОСЛАВАТА ПО ПОВОД 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ!
Почитувани,
Согласно вчерашната најава за големиот отворен настан David Guetta – Monolith Show по повод 35 години независност, кој ќе се одржи на 8 септември во Арена „Тодор Проески“, во прилог ги споделуваме сите информации околу регистрацијата за влезници за истиот.
1. Влезниците ќе бидат достапни од ПЕТОК (15 мај) САМО на avalonbooking.mk
2. Сите влезници ќе чинат 35 денари, а достапни ќе бидат влезници за стоење и седење (трибина). Трибините се нумерирани и потребно е да одберете седиште при купувањето на влезници за една од трибините. Стоењето не е нумерирано.
3. Капацитетот на стадионот е ограничен, па наш совет е да бидете брзи во петок како би го обезбедиле своето место.
И, за крај – да, влезниците навистина чинат 35 денари и тоа е единствениот трошок за набавување влезници за David Guetta – Monolith Show на 8 септември во Арена „Тодор Проески“.






