Home INFO Македонија ја сопре Англија: Храбро реми за крај на лошите квалификации за...

Македонија ја сопре Англија: Храбро реми за крај на лошите квалификации за ЕП 2024

реклама:

Македонската фудбалска репрезентација одигра реми 1-1 против Англија на домашен терен за крај на квалификациите за Европското првенство во 2024 година. За Македонија ова беше вкупно трето реми со Англија во шестиот меѓусебен дуел во историјата во квалификациите, но прв пат останавме непоразени на домашен терен. Интересно е тоа што Македонија во овој квалификациски циклус загуби на „Тодор Проески“ арената само еднаш и тоа од Украина, кога водевме со 2-0 по првиот дел, но потоа гостите го свртеа резултатот за победа од 2-3.

„Гордиот албион“ вечерашниот мел го почна со силен притисок уште од првиот свиреж, а најзрелата шанса ја имаше во 14-тата минута, кога Деклан Рајс погоди статива со шут од околу 20 метри. Потоа имаше сомнителна ситуација во шеснаесетникот на Англичаните, кога Хери Мегваер стартуваше над Елиф Елмас, но судијата Глова не реагираше.

Словачкиот судија во 39-тата минута мораше да се консултира со ВАР-технологијата откако дебитантот кај Англичаните, Рико Луис со рака го удри Бојан Миовски. Судијата покажа на белата точка, а Енис Барди ја презеде одговорноста. Џордан Пикфорд го одбрани ударот, но топката се одби повторно до нашиот капитен, кој од втора ја смести топката во мрежата на Англија за водство од 1-0 во 41-та минута.

На стартот на вториот дел Џек Грелиш погоди за 1-1, но голот беше поништен од ВАР поради офсајд. Во 59-тата минута гостите го израмнија резултатот откако со автоголот на Јани Атанасов, кој случајно ја удри топката со рамо и таа заврши во голот на Столе Димитриевски.

До крајот нашите фудбалери знаеја како да ги одбијат нападите на големиот фаворит и заслужено се изборија за еден бод.

Македонија на крајот од овие квалификации останува на четврата позиција со осум бодови, додека Англија е прва со само две ремија во текот на целиот циклус. Од нашата група Ц и Италија обезбеди пласман на Европското првенство откако ремизираше без голови на гостувањето кај Украина и со еднаков број бодови (14), но подобра гол-разлика од вечерашниот ривал оди на турнирот следното лето во Германија.

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------