
Иако само неколкумина ќе се закитат со златната статуетка, сите номинирани во актерските и режисерските категории на Оскари ќе си заминат со ексклузивни подароци во вредност од шестцифрена сума, пишува „Јуроњуз“.
Традиционалната „Секој победува“ подарочна торба, која ја доделува маркетинг компанијата „Дистинктив Асетс“, и оваа година содржи впечатливи луксузни искуства, козметички производи и ексклузивни услуги.
Основачот на компанијата, Лаш Фери, нагласи дека покрај гламурот, пакетот има и хуманитарна димензија, насочена кон поддршка на мали бизниси, компании во сопственост на малцински групи, жени-претприемачи и фирми со општествено одговорна мисија.
„По разорните пожари во Лос Анџелес, најдовме уште начини како нашиот луксузен подарок да ѝ помогне на заедницата“, изјави Фери.
Покрај ексклузивните производи и престојот во врвни одморалишта, номинираните добиваат членство во „Брајт Харбор“, организација што обезбедува финансиска помош до еден милион долари за семејствата погодени од пожарите. Дополнително, секој добитник на пакетот ќе има можност да искористи бесплатно управување со проект за реновирање на домот, обезбедено од компанијата „Мезон констракшн“.
Интересно е што секој од подароците може да биде пренаменет за жртви на пожарите.
„Без разлика дали ќе уживаат во нив или ќе ги донираат како пакет за помош на пријател кој неодамна го загубил својот дом, овие подароци не ги создадовме врз основа на потребите на примателите, туку со желба да му го разубавиме денот на некого“, додава Фери.
Меѓу највпечатливите подароци во ексклузивниот пакет се:
Четири ноќевања во луксузна вила во ризортот „Јоали“ на Малдиви
Петдневен велнес-одмор во хотелот „Сантани“ во Шри Ланка
Престој во хотелот „Котон хаус“ со пет ѕвезди во Барселона
Комплетна линија ултра-луксузни производи за нега на кожа од брендот „Мијаже“
Ексклузивна селекција на производи за нега на кожа и коса од „Л’Ореал“
Единствено искуство во продавницата за накит „Омгиги“
Липосукциски третмани за контурирање на телото од „АртЛипо“
20 парчиња луксузни кармини од брендот „Пети паут“
Третмани за кожа од швајцарскиот бренд „Институтум“
Луксузна фото-книга за Исланд вредна 950 долари
„Гринс Фрст“ нутритивен прав
Чоколадирани малини од „ТруФру“
Производи од канабис од брендот „Бебое“
Цигари со канабис од „Догвокерс“
Одржлива опрема за кучиња и декоративни перници од „Кејт Браун Студио“
Годинашното доделување на Оскарите ќе се одржи на 2 март.






