фото: Инстаграм
АУДИО ВЕСТ:КЛИКНИ НА ПЛЕЕРОТ И СЛУШАЈ!
Getting your Trinity Audio player ready...

Џан Јаман, кој неодамна беше приведен во Истанбул во рамки на истрага поврзана со дрога, а потоа пуштен на слобода, преку социјалните мрежи го најави своето враќање во Италија, каде што ужива голема популарност.

Актерот објави фотографија направена пред Колосеумот во Рим, што медиумите го толкуваат како симболична порака за продолжување на неговиот престој и професионален ангажман во таа земја.
Advertisement

Во пораката упатена до италијанските медиуми, Јаман наведе дека турските медиуми со години биле, како што рече, „злонамерни“ кон него, за разлика од италијанските, кои, според него, покажале повеќе коректност. Италијанската јавна телевизија РАИ пренесува дека актерот ги повикал медиумите во Италија да не преземаат некритички информации што доаѓаат од Турција.

„Навистина ли мислите дека би поминувал време по клубови и би користел дрога во момент кога полицијата спроведува масовни акции, претреси и апсења на познати личности? Ако тоа беше и приближно точно, немаше толку брзо да бидам пуштен, ниту пак ќе можев да се вратам во Италија веќе следниот ден. Ве сакам“, порача Јаман до италијанската публика.

Актерот беше уапсен во саботата заедно со уште шест лица, меѓу кои и актерката Селен Горгузел, во рамки на истрага за трговија и консумирање наркотични средства меѓу јавни личности во Истанбул. Турските медиуми објавија дека кај Јаман биле пронајдени две дози дрога.

По извршените токсиколошки и други анализи во Институтот за судска медицина, со цел да се утврди дали, кога и какви супстанци користел, Јаман беше пуштен на слобода, а засега против него не е поднесено обвинение.

Медиумите потсетуваат дека Џан Јаман е исклучително популарен во Италија благодарение на главните улоги во неколку успешни телевизиски серии, меѓу кои и неодамна емитуваната „Сандокан“, како и поради неговото течно познавање на италијанскиот јазик, кој го совладал за време на школувањето во италијанско средно училиште во Истанбул.

РЕКЛАМИ: