
| Getting your Trinity Audio player ready... |
Убодот од стршлен може да биде многу болен, а во одредени ситуации и опасен по живот, особено кај луѓе кои имаат алергија или кога убодот е во пределот на вратот, устата или јазикот.
Експертите предупредуваат дека реакцијата на организмот може да се развие многу брзо, па затоа е важно веднаш да се реагира. Најчести симптоми се болка, црвенило, оток, чувство на печење и чешање на местото на убодот.
Што треба веднаш да направите?
Првиот чекор е местото на убодот да се измие со вода и сапун за да се намали ризикот од инфекција. Потоа треба да се стави ладен облог или мраз завиткан во крпа, бидејќи студот го намалува отокот и ја ублажува болката.
Доколку убодот е на рака или нога, се препорачува екстремитетот да се држи подигнат за да се намали ширењето на отокот.
Во случаи на посилен оток или чешање, лекарите советуваат употреба на антихистаминици, а кај некои луѓе може да помогнат и креми против воспаление.
Кога ситуацијата станува опасна?
Најголем ризик постои ако се појават симптоми како отежнато дишење, оток на лицето, јазикот или грлото, вртоглавица, мачнина, губење свест или осип по целото тело. Ова може да биде знак за анафилактички шок, кој бара итна медицинска помош.
Особено опасни се убодите во пределот на главата, вратот и устата, бидејќи отокот може да ги затвори дишните патишта.
Луѓето кои знаат дека се алергични на убод од инсекти треба секогаш со себе да носат адреналинска инјекција – таканаречен „епи-пен“, бидејќи токму тоа може да им го спаси животот додека стигне Итната помош.
Иако повеќето убоди поминуваат без сериозни последици, лекарите советуваат состојбата внимателно да се следи најмалку 24 часа, бидејќи алергиската реакција понекогаш може да се појави и подоцна.






