Home ♡ за деца Хуманитарен проект Different – наменет за лицата со попреченост

Хуманитарен проект Different – наменет за лицата со попреченост

реклама:Велигден со Стаф

Сашо Стoјановски e iстакнат музички артист кој има повеќе од 20 години искуство на музичката сцена како инструменалист на тапани.

Сашо пред извесен период започна со еден голем подвиг чија цел е да инспирира многу луѓе да бидат хумани, да се подигне свеста за лицата со атипичен развој, интегрирање на лицата со посебни потреби во секоја сфера во нашата држава, како и поддршка и помош на родителите на лицата со посебни потреби.

Тој самиот се соочи со низа проблеми во здравствениот систем и бариери во општеството, го има Филип (13 години, кој боледува од ретко генетско заболување X-Fragile Syndrome). Заедно со својот син кој е со посебни потреби го изработи првиот професионален сет на тапани во регинот, со тие тапани Сашо го сними својот прв авторски џез албум кој го посвети на својот син и на сите лица со попречености.

На 25 Септември во МКЦ ќе се организира голема хуманитарна работлница и промоција на албумот кој ќе добие максимална поддршка од истакнати македонски музичари. Од вчера на социјалните мрежи започна да се емитува спотот за песната Ден посебен кој ја отпеа Џон Илија Апелгрин каде главни актери се Ана Беќарска( лице со интелектуална попреченост) и Александар Матовски-Цако(лице со даунов синдром). За целиот СС Проект, за музката и за Хуманитарната работилница прочитајте го интервјуото со креаторот на овој извонреден проект кој носи многу моќен наслов DIFFERENT!

1.Сашо,на почетокот да ви честитаме за идејата, оригиналноста и подвигот кој го правите во ова време – невреме, кое што и да се организира е многу тешко, а вие храбро без отстапувања стоите зад Диферент. За почеток како се роди идејата за Овој проект?

– По природа сум многу темпераментен лик и прилично радознал за професии кои не ми се својствени од причина што сакам да истражувам и создавам работи кои ме прават исполнет и среќен. По професија сум дипломиран Џез тапанар и професионално активен повеќе од 20 години со голем број на настапи со домашни и странски артисти како во нашата држава и пошироко. Отсекогаш сум сакал да направам свој сопствен инструмент кој би бил по мој вкус во поглед на димензии и звук. Првите мои обиди беа многу одамна кога желбата беше голема но знаењето премало,сепак ова е професија која бара огромно познавање од дрвната индустрија кое и тек како е потребно да создадеш квалитетен инструмент.

Идејата и инспирацијата се продлабочи со раѓањето на мојот син Филип кој во текот своето детство му беше дијагностицирано ретко генетско заболување X-Fragile Syndrome. Како засегнат родител бев целосно преокупиран околу неговата состојба , дефектолошки и логопедски третмани , биохемиски испитувања како во земјава така и надвор и се што можевме да направиме како родители со мојата сопруга . Сите овие активности чинеа премногу за нашиот домашен буџет . Почнав да се занимавам со професии кои не се својствени за еден музичар, но сепак кога имаш цел во животот некои работи ти стануваат желба и потреба.Оттука е и идејата за целиот овој проект.

Идејата беше да изработам сет на тапани кои ќе бидат официјално и прв ваков тип на инструмент во нашата држава, каде директно е вклучено лице со посебни потреби. Планот беше да биде изработен во домашни услови со основен алат кој го поседувам и секое слободно време да го поминам интерактивно со моето дете, покажувајќи му го процесот на градење на инструментот. Тоа за него беше повеќе од игра и беше квалитетно поминато време во истражување на нови предизвици. Секојдневно добиваше задолженија во рамки на неговите можности, каде директно беше вклучен во самиот процес. Едукативно се надогради и се запозна со алати кои што се неизбежни во одредени занаети. Со овие задолженија видно се подобри неговата моторика. Идејата за брендот и логото на сетот ми беше повеќе од јасна дека тоа ќе биде некој интернационален знак за деца со некаква попреченост. Изборот беа два пазли во кои се вметнати моите иницијали S.S. И успеавме во тоа !

Наредна фаза беше планирана за снимање на мојот прв студиски Jazz албум во која учествуваа истакнати Македонски артисти. SS PROJECT насловен како DIFFERENT. Снимен е и музички спот на моја авторска нумера каде главни актери се Ана Беќарска( лице со интелектуална попреченост) и Александар Матовски-Цако(лице со даунов синдром) во изведба на John Ilija Apelgren.

Наредната фаза од овој проект е промоција на мојот сет на тапани,на мојот албум и организирање на голема хуманитарна работилница.Во хуманитарната работилница ке бидат вклучени активности од различни области на уметноста, науката, медицината како и вклученост на дневни центри, стручни лица (дефектолози, логопеди, едукатори), јавни медиуми, познати македонски музички артисти,социјални мрежи и донатори.Собраните средства ќе се донираат како дидактички материјали и асистивна технологија за ученици со посебни потреби во ОУ Невена Георгиева-Дуња во Кисела Вода во кое учи и мојот син.

2. Рековте дека сте професионален музичар/тапанар, и заедно со вашиот син Филип го создававте сетот на тапани, може ли повеќедетали? Како соработуваше вашиот син?

– Тапаните важат за едни од најкомплицираните акустични инструменти како во поглед на нивната изработка така и во поглед на усовршување на овој вид на инструмент.Самиот процес на изработка е индивидуален во зависност во какви услови сеи зработува. Во манифактурното производство кај познатите светски производители на тапани од и прилично брзо од причина што сепак тоа е фабрика и работата е поделена по сектори или погони. Располагаат со претсизни машини и алати каде поголем дел од процесот е системски. Конкретно во мојот случај во домашни услови и со некомплетен алат оди многу многу поспоро. Процесот во мојот случај траеше прилично долго затоа што прво битните шелови беа со некаков недостаток, меѓутоа учев од грешките кои ме чинеа и време и пари. Сепак љубовта и другарувањето со мојот син беа најважни. Се роди желба кај него да на негова иницијатива поминеме заедно во работилница и како што би рекол он : Да правиме тапани ! Општо познато е дека сите посебни дечиња се сензибилни на звук. За кратко време ги надминавме гласните звуци од чеканот и од другите машини. Имаше задолженија кои за него претставуваа предизвик за кои беше условен дека доколку ја заврши добро работата ке биде награден. Повеќе беше наградуван отколку неговата помош, како и сите други деца. Најбитно за мене беше дека сме заедно каде покрај добра музика во позадина имавме квалитетно бесценето поминато време како татко и син.

3. Сетот на тапани кој го изработивте, од она што го гледаме на фотографиите воопшто не се разликува од оние во продавниците. Да објасниме не е експонат туку со тој го отсвиревте вашиот прв авторски албум?

– Токму така. Тоа и ми беше идејата да инструментот биде функционален и да ги запази сите карактеристики на модерното свирење и да ги задоволи моите потреби во поглед на звукот. Со нетрпение ја очекувам промоцијата на албумот и мојот сет на тапани SS DRUMS која ке се случува во Младинскиот Културен Центар-МКЦ во кино Фросина од 20:30 часот.Очекувам искрени мислења од моите колеги како за сетот на тапани така и за мојата музика.

4.Се создадоа првите рачни тапани во нашата земја со помош на детски раце (вашиот син која има ретко генетско заболување, синдром на Фрагиле, создадовте ваш авторски албум и најавувате промоција на сетот на тапани, на албумот и гласно зборувате за проблемите со кои се соочуваат децата/лицата со попречености и нивните семејства. Да започнеме со ред, би ве замолиле да ни дадете детали за албумот? Зошто Џез музика?

– Инспирацијата за музиката на мојот албум е поврзана со текот на настаните и случувањата кои ме опкружуваат каде се изразени како сите можни емотикони кои се претворени во музика.

Песните се создадени во изминатите 3 години каде со помош на мојот колега Зоран Костадиновски кој се јавува и како аранжер на сите песни успеавме да заокружиме една моја музичка целина од мојата кариера. На албумот има 12 артисти кои безрезервно учествуваа во мојот проект. Јас Сашо Стојановски- тапани, Зоран Костадиновски – гитари,Горан Гешовски- бас гитара,Гордан Спасовски – клавијатури,Кирил Кузманов – алт,тенор и сопран саксафон, Трајче Велков – труба, Радко Даутовски – ударалки и тамбура, Гоце Димовски – кавал, Тимко Чичаковски – канон, Паскал Краповски – виолончело, Џон Илија Апелгрин – вокал, Сара Пројковска – текстописец и пратечки вокал, Мирослав Милковски – клавијатури. За кавер дизајнот се погрижи Немања Трајкович,аудио продукција Горан Гешовски и видео продукција Маја Јакимовска и Владимир Митревски – Ѓуле. Голема благодарност до сите нив како и до сите што помогнаа да се реализира албумот. Зошто Џез ? Затоа што за мене тоа симболизира слобода, креативност, интеракција, соработка и што уште не . Впрочем една единствена дефиниција за џез како правец не постои. Хронолошки во историјата на џезот се јавуваат разни трансформации од почетокот на постоењето па се до ден денешен како во поглед на стилот така и од влијанието на тековната модерна музика. Слушајки го мојот албум ќе приметите повеќе стилови и влијанија како фјужн,прог,фанк блуз и друго.

5.Овој албум ќе се промовира на 25 месецов како што најавивте претходно на пладне ќе има Хуманитарна работилница. Што конкретно ќе опфати истата? Како ќе се одвива настанот со се промоцијата на албумот?

– Овој проект е интердисциплинарен и е подржан од Министерство за култура на Р.Македонија во кој се вклучени активности од различни области на уметноста, науката, медицината како и вклученост на дневни центри, стручни лица (дефектолози, логопеди, едукатори), медиумите, познати македонски музички артисти, социјални мрежи и донатори. Целта на овој проект е да се поддигне свеста за лицата со атипичен развој, интегрирање на лицата со посебни потреби во секоја свера во нашата држава, поддршка и помош на родителите на лица со посебни потреби како и видливост и инклузија на маргинализираните заедници. Како главна активност на овојпроект е организација на хуманитарна работилница која ќе се одржи на 25.09.2021 година во Младинскиот Културен Центар -МКЦ воСкопје.

Хуманитарната работилница би започнала во 11 часот во паркот на МКЦ и би траела се до 14 часот. Првично идејата беше да биде голем хепенинг за лицата со попречености каде ке има целосна музичка програма, подароци и дружење но поради тековните заштитни мерки од ковид-19 сепак тоа ќе биде сведено на истата програма емитувана на лајв стрим преку социјалните мрежи.Тековно ке биде објавена хуманитарна сметка како и број за донации во целата кампања за проектот се до денот на реализација. Вечерта со почеток од 21 часот ке биде одржана промоцијата на SS Project – Different со настрап во живо во МКЦ кино Фросина.


6. Рековте донација за О.У.Невена Ѓеоргиева Дуња, зошто баш за ова училиште ќе бидат наменети средствата?

– Како главна активност на овој проект е хуманитарната работилница. За мене ова е едно ново искуство од ваков тип како организатор на хуманитарна работилница .Од досегашното мое искуство околу организацијата можам да кажам дека запознав многу искрени и добри луѓе кои се понудиа да помогнат на било каков начин .Целната дестинација за помошта е ОУ Невена Георгиева-Дуња бидејки првенствено мојот син е ученик во истоименото училиште,добро сум запознаен со нивните услови со кои располагаат за образовниот процес на лицата со атипичен развој и истоименото училиште има најголем број на деца со посебни потреби на ниво на општина Кисела Вода. Собраните средства ќе се донираат како дидактички материјали и асистивна технологија се со цел да се подобрат и олеснат наставните услови на децата со посебни потреби. Искрено се надевам дека мојата иницијатива ке допре длабоко во секое семејство во нашата држава како пример за инвентивност, истрајност,инклузивност,посветеност и голема борба за нашите посебни деца за нивна подобра и светла иднина ! Да бидеме хумани.

7.Погоре во интервјуто споменав дека сте гласноговрник за проблемите со кои секојдневно се соочувате. Очекувате ли дека преку Диферент ќе смените нешто? Да влијаете на совеста и свесноста и одговорноста на државата кон овие деца/лица?

Целта на овој проект е да се подигне свеста за лицата со атипичен развој,интегрирање на лицата со посебни потреби во секоја свера во нашата држава,поддршка и помош на родителите на лица со посебни потреби како и видливост и инклузија на маргинализираните заедници. Јас сум само еден дел од многуте родители во нашата држава кои се борат за правата и условите со кои се третирани лицата со атипичен развој. Постојат дневни центри ,здруженија,организации група на граѓани и други кои мака мачат да обезбедат основни услови. За жал сите процеси во врска со оваа ранлива категорија на деца оди премногу споро.Последен пример е почетокот на школската година каде ретко кој од децата тргнаа на време .Владата ги укина приватните образовни асистенти кои родителите сами си ги подмируваа.Моменталната процедура е да секое лице со попреченост има категоризација која се добива единствено во (МКФ)Меѓународната класификација на функционирање. Без оваа категоризација детето има една единствена опција да следи настава онлајн. Конкретно во нашиот случај ние чекаме од април месец 2021 година да не повикаат на категоризација.Процедурата е за поздрав ,меѓутоа не функционира. Единствено е да се бориме како родители и да бидеме погласни и поприоритетни и искрено се надевам дека ке бидеме повидливи.

8. Започнаа кампањите за локални избори, многумина кандидати ваквите проекти би ги подржале за да дадат впечаток за општествено одговорни. Дали би прифатиле подршка за проектот сега и која ќе биде вашата порака за нашите државници?

Во поглед на политика сум тотално индиферентен од причина што не ми е во домен. Категорично одбивам и сум против злоупотреба на хумани акции за користење на политички кампањи и политички поени. Подршка прифаќам од секого без разлика на религија,нација,припадност,боја,вероисповест,политичка партија и се што може да постои како човечко битие кое има добра намера.Немам посебна порака до нашите државници…сите пораки се испратени…само треба некој да ги прочита.

9.Имате извонреден проект, дали планирате да го проширите во иднина? За крај која ќе биде вашата порака до сите кои не читаат?

Искрено ви благодарам за укажаната подршка и отстапеното време. Јас по природа сум перфекционист и упорна личност но премногу енергија потрошив изминатиот период. Не се жалам но премногу лавиринти има нашето општество,за жал…. Со душа и срце чекам да заврши целиот проект,да ги ги исполнам идеите кои ги замислив и да допринесам во светот на моето видно поле како хуманист и музичар.

Овој проект пред се има хуман и инспиративен карактер и секако дека ке продолжи во различни форми на идеи.

Би сакал да им препорачам на сите кои го прочитале ова мое скромно излагање да не сонуваат туку да го живеат својот сон. Ние самите сме слободни да го направиме изборот кој го сакаме,да го следиме сонот на нашето срце и на тој начин кебидеме поенергични,инспиративни и мотивирани. И да,никогаш нема да биде доволно само да започнеме со некоја работа,треба да бидеме силни,да работиме на реализацијата на соништата,ипокрај сите препреки да истраеме и да продолжиме понатаму!

Интервјуто е превземено од Метаболизам.мк

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------