На возраст од 61 година, на 9 декември почина Мари Фредриксон, вокалиската на популарната шведска група Роксет.
„Со голема тага во срцето ви соопштуваме дека една од нашите најдобри пејачки почина на 9 декември од болеста со која долго време се бореше“, се наведува во соопштението за јавноста.
Мари боледувала од тумор на мозокот уште од 2002 година, неколкупати се оперирирала и одела на лечење.
Дури и за време на рехабилитацијата таа продолжи да снима како соло-артист, издавајќи два албума и еден успешен сингл.
Потоа заедно со Пер Гесл повторно се обединија и заминаа на светска турнеја. По турнејата, во 2013 сними уште еден соло-албум на шведски јазик.
Таа во доцните 80-ти неколкупати беше прогласена за најдобар женски шведски изведувач, доби и награди за најдобар шведски албум, а со Роксет успеваа да достигнат платинасти тиражи на нивните албуми.
Нејзиниот колега Гесл по веста за смртта на Мари напиша: „Ти ми беше најпрекрасниот пријател изминативе 40 години. Нештата веќе никогаш нема да бидат исти.“