Home СПОРТ Ракомет „Го даваме срцето и душата за Македонија, сè што барам е малку...

„Го даваме срцето и душата за Македонија, сè што барам е малку почит – особено кога ќе згрешиме!“

реклама:G Natural

Ракометарите на Македонија како феникс се издигнаа од пепелта и го добија двомечот со Фарските Острови во баражот за Светското првенство. Откако загубивме во Торшавн со седум разлика, во „Борис Трајковски“ падна скалпот на сензацијата и со убедлива победа нашите ракометари одат на нов Мундијал.

Селекторот на нашата репрезентација, Кирил Лазаров, даде поопсежна анализа на двомечот, но и на играта и тактиката во однос на првиот дуел.

„Мислам дека ова е еден од најкомплетните мечеви на македонската репрезентација, против еден квалитетен противник како Фарските Острови. Иако името не е толку атрактивно, јас и во припремата за мечот нагласив дека се работи за сериозен ривал. Доста ги анализиравме периодов, не се плашев, ама знаев дека се машинерија против која ако ѝ дозволиш како во Торшавн ќе те казни. Сменивме доста во тактиката и стратегијата, испадна успешно. Момците направија, еве колку време сум тренер да одиграат тотално контролиран меч против една технички совршена репрезентација, која на ЕП направи проблеми на поквалитетни од нас. Не сум изненаден, овие момци покажаа дека можат да одиграат еден цел и перфектен натпревар во сите сегменти. Тие тоа го можат. Кај нас проблем е менталитетот од кој се плашам како тренер. Многу бргу знаеме да станеме еуфорични, но исто така брзо паѓаме и во депресија. Фараните работат и направија силен систем со кој се гордеат, но и ние направивме нешто за што треба да сме горди“.

„Анализата се покажа како точна, во првиот меч Скипаготу од 34 постигнати гола учествуваше во 27 или 28. Подготвивме стратегија да одиме цело време на него. Тие тоа го користеа со „седум на шест“ што беше тешко да се брани, меѓутоа чудо се случи. Не е воопшто лесно да се браниш против вака техничка репрезентација на голем простор со пет плус еден исфрлен на седуммина. Ги натеравме да се откажат, вратија шест на шест и им беше уште потешко. Моите момци се за секоја пофалба. Ова беше специфична одбрана која ретко се игра, меѓутоа со ваков тип на противник и при ваков резултат ако игравме нормално со „шест-нула“ ќе немавме што да бараме. И вака беше тешко, но фала Богу се случи тоа што се случи, браво за момците“, започна нашиот селектор.

Лазаров не го криеше задоволството, едноставно нагласи дека ова е еден од неговите најсреќни денови. Тој пак се осврна и на менталитетот и побара една работа од јавноста и публиката.

„Ова е еден од моите најсреќни денови во животот кога станува збор за спортската кариера како играч или тренер. Сум бил во многу ситуации, не е лесно како селектор да ги мотивираш играчите. Се оптеретуваме многу со јавноста, со медиумите. Големите шампиони мора да знаат да се носат со притисокот. Ќе има многу победи и порази, но јас и моите играчи кога губиме или победуваме нема да бараме алиби. Го даваме срцето и душата за Македонија, па барам само малку почит – особено кога ќе згрешиме, бидејќи грешат и многу поголеми спортисти“, заклучи Лазаров.

Македонија успеа да го одржи континуиетот на големите собири. Од 2012 наваму нашата репрезентација секоја година игра на Европските и Светските првенства, а тој тренд ќе продолжи.

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------