Home INFO Грција воведува нова такса за туристите

Грција воведува нова такса за туристите

реклама:Лето во Банско

Таксата за престој во туристичките објекти, од 1 јануари Грција ја замени со нова такса за отпорност на климатската криза во висина од 50 центи до 10 евра од ден, во зависност од видот на сместувањето и временскиот период од годината, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно министерската одлука што е објавена во „Службениот весник“ на Грција, таксата ќе ја плаќаат гостите на крајот од нивниот престој и се однесува на дневно користење по соба или стан, а ќе важи и за „Ербиенби“ сместувањето.

Во текот на туристичката сезона, односно во периодот од март до октомври, таксата е 1,50 евра за хотелите со една и две ѕвезди, за собите за изнајмување и за сместувањето преку „Ербиенби“.

За хотелите со три ѕвезди, таксата е 3 евра, за оние со четири ѕвезди се зголемува на 7 евра, а за хотелите со пет ѕвезди и за вилите е 10 евра.

Во периодот од ноември до февруари висината на таксата е пониска, почнува од половина евро за хотелите со една и две ѕвезди, за собите за изнајмување и за сместувањето преку Ербиенби, 1,50 за хотелите со три ѕвезди, три евра, за оние со четири ѕвезди и достигнува до 4 евра за хотелите со пет ѕвезди и за вилите.

Досега во Грција се плаќаше такса за престој, воведена во 2016 година, и беше меѓу 50 центи и 4 евра во зависност од туристичкиот објект.

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------