Home INFO Како да направите традиционален Василичарски мазник

Како да направите традиционален Василичарски мазник

реклама:Велигден со Стаф

Се вели дека за Василица што побогата е трпезата, толку побогата ќе биде годината. Печено месо, риба, домашни колбаси, разни видови сирења и кашкавали, разни сувомеснати производи, месени пити, кисела зелка, туршија се само дел од јадењата кои ги има на василичката трпеза.

Неизбежен е василичкиот мазник во кој се става паричка. Присутните на трпезата го вртат мазникот во круг три пати, го делат мазникот и потоа, најинтересниот дел – го бараат паричето на кого му се паднало.
Еве како да направите василичарски мазник, традиционално со тегнети кори.
Состојки:

500 гр брашно
250 мл млака вода
50 мл масло за јадење + масло за попрскување
1 лажица алкохолен оцет
половина лажиче сол
Фил:

400 гр дробено сирење или урда
3 лажици павлака или кисело млеко
1 јајце
сол и бибер, по вкус
Подготовка:
Прво, подгответе го филот. Во длабок сад скршете го јајацето и разматете го со вилушка. Додадете го сирењето (дробено или рендано) или урдата и ставете ја павлаката. Павлаката или киселото млеко ќе го направи филот растресит. Измешајте убаво, зачинете по вкус и оставете на страна.

Во длабок сад ставете ги маслото, оцетот и солта. Измешајте и додавајте го брашното, пополека. Замесете меко и нелепливо тесто. Откако ќе замесите тесто, премачкајте го со масло и оставете го да одмори 20 минути, не мора да е на топло, затоа што нема квасец за да нарасне тестото.

По 20 минути, премесете го кратко тестото и од него одвојте 5 помали топчиња. Секое топче премачкајте го со масло и почнете да го тегнете на голема и широка кујнска крпа или чаршаф. – Од средината растегнувајте ја, а потоа внимателно и полека тегнете по краевите. Кога ќе ја растегнете кората со дијаметар од околу 80 сантиметри, попрскајте ја целата со масло и ставете една петина од филот.

Со остар нож пресечете ги подебелите витки од тестото. Со помош на чаршафот завиткајте го мазникот и префрлете го во широко тавче за печење со дијаметар од 35 сантиметри. Ова направете го со останатите 4 парчиња тесто, а не заборавајте и во некоја од витките да ставите париче завиткано во алуминиумска фолија.

Редете ги како полжав во тавчето за печење. Кога ќе ги наредите, попрскајте ги со масло за јадење и ставете го мазникот да се пече во рерна загреана на 200 целзиусови степени околу 30 минути, па потоа намалете на 180 степени и печете дополнителни 15 минути. Ако гледате дека мазникот ви фаќа златно жолта боја побрзо од предвиденото, покријте го со алуминиумска фолија. Тоа сепак зависи од јачината на вашата рерна.

Печениот мазник покријте го со кујнска крпа и оставете го да се подолади 30 минути, пред сервирање.

Добар апетит!

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------