Home INFO Колку сурфавме, што гледавме и кој е апсолутен победник во 2023?

Колку сурфавме, што гледавме и кој е апсолутен победник во 2023?

реклама:Лето во Банско

Крајот на годината традиционално значи да се направи пауза и да се анализираат изминатите 12 месеци. Некои години се полни со настани, други се малку помирни. Но, она што е сигурно секоја година е дека луѓето сѐ повеќе го користат интернетот.

Услугата „Клаудфер“, која се грижи за стабилен интернет-сообраќај, направи детален преглед на интернетот и сѐ што се случуваше во 2023 година – „Клаудфер редар 2023“. Ви ги пренесуваме најинтересните податоци и моменти.

Интернет-сообраќајот е зголемен за 25 отсто

Интернетот секоја година расте, и тоа со голема брзина. Според податоците на „Клаудфер“, во 2023 година интернет-сообраќајот порасна за 25 отсто. Сè повеќе уреди се поврзани на светската мрежа, а луѓето користат сè повеќе веб-локации, услуги и апликации.

Како што истакнува „Клаудфер“, постојат периоди кога сообраќајот на интернет е поинтензивен (како што се одредени празници во светот), или кога е помал (поради забраната за пристап до одредени услуги во некои земји), но во просек, растот е стабилен.

И понатаму преовладува „Андроид“

Најголемиот извор на интернет-сообраќај кој доаѓа од мобилните уреди се мобилните уреди со оперативен систем „Андроид“. Овие уреди најмногу се користат во Бангладеш и Папуа Нова Гвинеја. Интересно е тоа што земјите кои се сметаат за посиромашни имаат поголем удел на мобилни уреди со „Андроид“, додека уредите со „Ајос“ може почесто да се најдат во „побогатите земји.

Повеќе од 40 отсто од глобалниот сообраќај доаѓа од мобилни уреди

Во текот на последните 15 години, мобилните уреди станаа незаменлив дел од нашето секојдневие. Денес, речиси е невозможно да се замисли функционирањето во современиот свет без мобилен телефон. Затоа, не е чудно што 42 отсто од интернет-сообраќајот доаѓа од мобилните уреди. Најголем процент на сообраќај од класични компјутери е забележан во Финска, каде што изнесува 80 отсто.

„Гугл“ и понатаму е број 1

Од сите интернет-услуги, „Гугл“ и понатаму е најпопуларен. Неговата популарност делумно може да се припише на широкиот опсег на различни услуги што ги нуди, како и на популарноста на оперативниот систем „Андроид“ за мобилни уреди. „Тик-ток“, кој го освои светот за време на пандемијата и беше најпопуларна интернет-услуга во 2021 година, падна на четвртото место.

На второ место е „Фејсбук“, кој успеа да го задржи местото и покрај популарноста на „Тик-ток“.

„Јутјуб“ и „Нетфликс“ владеат со стриминг-сцената

Најкористената стриминг-платформа за видеосодржини и понатаму е „Јутјуб“, а потоа „Нетфликс“. По нив се „Твич“, „Року“ и „Дизни плус“.

„Вацап“ е број 1 апликација за комуникација

„Вацап“ со години се наоѓа на врвот на листата, а потоа следуваат кинеската „Кју-кју“, „Вајбер“ и „Телеграм“.

Владите и понатаму се најчеста причина за недостапност на интернет

Според податоците на „Клаудфер“, во 2023 година имало повеќе од 180 инциденти во кои интернетот бил недостапен за помал или поголем број луѓе. Многу од овие инциденти се резултат на одлуките на владите едноставно да го оневозможат интернет-пристапот во одредена област. Во остатокот од светот, најчеста причина за недостапност се технички проблеми или сајбер-напади.

Брзината се зголемува, а најбрз интернет има во…

Иако може да се каже дека интернет-брзината никогаш не е доволна, податоците покажуваат дека брзините во некои земји се далеку над просекот. Така, во Исланд, каде што повеќе од 85 отсто од целиот пристап на интернет е преку оптички кабел, забележана е брзина од 282, мегабити во секунда за преземање и 179,9 мегабати во секунда за прикачување. По Исланд следуваат Шпанија, Унгарија и Јужна Кореја.

Ботовите живеат во САД

Сообраќајот со ботови може да се дефинира како секој сообраќај што не е предизвикан од човек. Честото следење на таков сообраќај може да укаже на потенцијална злонамерна активност. Но, ботовите можат да бидат и корисни, на пример, проверените ботови. Ова се ботови што ги користат главните светски пребарувачи за индексирање на веб-локации, тестирање на перформансите или контрола на достапноста. Затоа, не е изненадувачки што најголемиот број ботови доаѓаат од големите платформи кои ги обезбедуваат своите услуги во облакот.

Така, 12 отсто од сообраќајот од ботови доаѓа од веб-сервисот на „Амазон“, а нешто повеќе од 7 отсто од „Гугл“. Ова е и причината што дури една третина од светските ботови „живеат“ во САД, четирипати повеќе отколку во Германија.

Лажни линкови и уцени

Од година на година се зголемува бројот на злонамерни електронски пораки, а најчести од нив се лажните линкови кои водат до лажни страници со намера да се украдат личните податоци на жртвата или пораки кои кријат закани и уцени. Дури 80 отсто од злонамерните пораки содржеле лажен линк.

Гледајќи напред кон 2024 година, трендовите забележани во 2023 година укажуваат на уште поповрзана и технолошки напредна иднина. Зголемената важност на вештачката интелигенција, континуираната популарност на социјалните медиуми и динамичниот развој на е-трговијата и финансиските услуги сугерираат иднина во која луѓето ќе мора да продолжат да се приспособуваат на можностите и предизвиците што им претстојат.

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------