Home INFO Претседателот на Анкарагучу си поднесе оставка, му се извини на судијата Халил...

Претседателот на Анкарагучу си поднесе оставка, му се извини на судијата Халил Умут Мелер

реклама:Лето во Банско

Фудбалскиот свет шокиран ги следеше настаните во Турција каде што се случи невиден скандал по натпреварот од Суперлигата меѓу Анкарагучу и Ризеспор.

Анкарагучу постигна гол во 10 минута кој беше поништен по интервенцијата на ВАР собата, па овој тим сепак поведе четири минути подоцна, а во 50. минута црвен картон доби Али Соу. Гостите ја искористија бројната предност на теренот и во седмата минута од судиското надополнување во вториот дел стигнаа до бод.

Ова предизвика револт кај домашните, а претседателот на домашната екипа Фарук Коча истрча на теренот и со тупаница удри по лицето на главниот судија на натпреварот Халил Умут Мелер.

После тоа беше уапсен, па следуваше оставката од функцијата претседател на клубот:

– По натпреварот што го одигравме синоќа против Ризеспор, со оглед на моето однесување кон судијата Халил Умут Мелер, се извинувам на турската судиска заедница, спортската јавност, нашата земја и Мелер и неговото семејство. Како и зошто се случи ова е ирелевантно. Колку и да е голема неправдата, ништо не може да го оправда или објасни насилството што го извршив.

Спортските терени треба да бидат сцена на праведен натпревар. Секое однесување кое го оцрнува фер-плејот, вклучително и моето, не треба да биде присутно на стадионите и арените. Како некој кој секогаш имал конструктивни иницијативи откако станал претседател на Анкарагучу, се срамам што го создадов токму спротивното. На јавноста ѝ соопштувам дека се повлеков од функцијата претседател на клубот за да не предизвикам дополнителна штета на клубот, неговите навивачи, заедницата и моето семејство.

Се надевам дека овој инцидент, кој јас, повеќе од кој било друг, не можам да го прифатам, ќе биде причина нашиот спортски живот, особено нашата фудбалска заедница, да се исчисти од грешки, недостатоци и култура на насилство. Во исто време, се надевам дека пореално ќе се разговара за главните проблеми на турскиот фудбал со оглед на овој тежок инцидент што го предизвикав. Ја користам оваа прилика уште еднаш да им се извинам на сите што ги вознемирив, особено на навивачите на Анкарагучу. Би сакал да се знае дека сум длабоко тажен поради тоа што нашиот клуб, фудбалската заедница и нашата земја ќе го паметат по овој настан – стои во објавата на Коча.

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------