Home INFO Во Германија се тестираат куќички за бездомници

Во Германија се тестираат куќички за бездомници

реклама:G Natural

Во Германија властите на почетокот на јануари започнале да ги тестираат куќичките со футурустички изглед наменети за бездомници. Според податоците од 2016 година во таа земја живеат околу 860.000, што укажува на голем проблем, пренесе „Индепендент“.

Ветроотпорните и водоотпорни капсули за спиење се поставени на 8 јануари во парковите во германскиот град Улм, кој е околу 120 километри оддалечен од Минхен.

Куќичките се направени од дрво и челик и овозможуваат доволно простор за две лица. Ефикасно штитат од ладно, ветер и влага, а овозможуваат и циркулација на свеж воздух.

За да се заштити приватноста на корисниците, во куќичките нема камери. Поставени се сензори за движење кои ги известуваат социјалните работници дека вратата е отворена и така бездомниците нема да бидат вознемирувани поради чистење доколку во тој момент ја користат куќичката.

Овие функционални капсули се опремени со соларни панели и се поврзани со радио мрежа, што на корисниците им овозможува да комуницираат со тимот задолжен за одржување, а притоа да не зависат од мобилните мрежи.

Создавачите на „Улмер Нест“ велат дека кабините се наменети за лица кои не можат да ги користат вообичаените засолништа за бездомници, дали поради психолошки причини, или затоа што, на пример, имаат домашно милениче.

Појаснуваат дека се надеваат дека на овој начин ќе им помогнат на бездомниците и посебно ќе ги заштитат во текот на ладните зимски ноќи, но истакнуваат дека иницијативата не е алтернатива за хостели и безбедни куќи, туку би требало да послужи како последна опција за оние кои навистина нема каде да се засолнат.

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------