Home INFO Во Јапонија родителите бараат брачни партнери за своите деца

Во Јапонија родителите бараат брачни партнери за своите деца

реклама:Лето во Банско

Летно попладне во јапонскиот град Осака, каде што група од околу 60 мажи и жени се собираат на сесија „омиаи“ или наоѓање на вистинската љубов.

Тие се мешаат, разговараат, одејќи од едниот крај на конференциската сала во зградата на Стопанската комора Сакаи до другиот крај додека ги проценуваат потенцијалните партнери, како и конкуренцијата.

Но, малкумина од учесниците зборуваат за нивните хобија, интереси, омилени филмови или ресторани, или пак за себе. Тие, всушност, зборуваат за нивните возрасни, слободни деца за кои се надеваат дека ќе најдат партнер и ќе ги омажат/оженат.

Една 60-годишна жена гордо зборува за својот 34-годишен син, наставник во основно училиште. Човек во 80-тите гордо зборува за својот 49-годишен син кој работи како контролор во електрична компанија.

Секој од родителите платил 96 долари за да присуствува на овој настан, чиј домаќин е агенцијата „Асоцијација на родителите за информации за предлози за брак“, и се надева дека ќе го најде совршениот партнер за своето дете.

Не дека Јапонија не го испробала подиректниот пристап за брзо запознавање, каде што младите сами си запознаваат партнер, туку се чини дека тоа повеќе не функционира.

Поради зголемените трошоци за живот, лошите економски перспективи и напорната работна култура, денес сѐ помалку Јапонци одлучуваат да стапат во брак и да имаат деца. Нивните родители, вознемирени од сѐ помалите шанси да дочекаат внуче, одлучуваат да ги земат работите во свои раце.

– Идејата дека е во ред родителите да им помагаат на своите деца да стапат во брак на овој начин стана доста распространета – вели директорот на Асоцијацијата, Норико Мијагоши, кој организира вакви настани речиси две децении.

Во минатото луѓето можеби се срамеа затоа што доаѓаа на вакви настани, но времињата се променија – додава Норико.

Во Јапонија денес има помалку бракови, помалку раѓања и помалку луѓе. Бројот на населението долго време беше во пад и во јануари, според владините податоци, постигна рекорд. Зад таа опаѓачка популација стои постојано опаѓачкиот број на бракови и раѓања.

Во 2021 година бројот на новорегистрирани бракови падна на 501.116, најмалку од крајот на Втората светска војна. И кога луѓето навистина стапуваат во брак, тоа го прават во подоцнежните фази од животот, оставајќи помалку време за раѓање бебиња. Просечната возраст за стапување во брак во 2021 година беше 34 години за мажи и 31 година за жени.

Заедно со падот на браковите паѓа и стапката на плодност, која минатата година достигна рекордно ниско ниво од 1,3, далеку под 2,1 потребни за одржување стабилна популација.

Сето тоа остави сè поголема главоболка за владата, која мора на некој начин да ги финансира здравствената заштита и пензиите на населението кое брзо старее, а има сè помал број млади даночни обврзници.

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------