Home INFO Започна ЕП во Германија: Македонија загуби од Франција

Започна ЕП во Германија: Македонија загуби од Франција

реклама:Лето во Банско

Македонската ракометна репрезентација пред рекордни 53.000 гледачи во Диселдорф загуби од Франција со 39-29 на отворањето на Европското првенство во Германија. Нашиот тим одигра добро прво полувреме, но во вториот дел поради многуте технички грешки, кои беа вкупно 21, доживеа двоцифрен пораз.

Можеби победникот однапред беше познат со оглед на квалитетот и реномето на Франција, но Македонија даде достоен отпор во првиот дел.

По стартното водство на Франција, Македонија поведе во 10.минута со 7-6. Нашиот голман Никола Митревски имаше пет интервенции, а тоа ни овозможи и водство од 10-8. По тајмаутот на францускиот селектор Гилом Жил, противникот направи серија од 4-0 благодарение и на многуте технички грешки во нападот на Македонија. Го прекинавме постот од шест минути без гол за 11-12.
„Триколорите“ ја засилија одбраната, па Македонија тешко пробиваше и беше принудена да игра до пасивен напад. На полувремето нашиот тим имаше негатива од 13-17.

Во вториот дел, Франција почна да го засилува темпото и ја зголемуваше разликата. Немавме сили да се спротивставиме како на стартот, најмногу поради многуте технички грешки. „Триколорите“ стигнаа до највисоките +10 без некаков проблем и ги впишаа планираните бодови со 39-29.

Жарко Пешевски беше најефикасен во нашиот табор со седум голови, Иван Џонов имаше шест, додека Милан Лазаревски Филип Кузмановски имаа по четири. Никола Митревски на голот имаше 10 интервенции. Кај Французите, Иго Деска имаше седум голови со максимална ефикасност, а Дилан Наи имаше шест од шест.

Следниот натпревар Македонија го игра на 14.јануари во Берлин против домаќинот Германија. Два дена подоцна во рамки на последното коло од групата А ќе се соочиме со Швајцарија.

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------