Home INFO Ќе има ли шесто масовно изумирање на земјата?

Ќе има ли шесто масовно изумирање на земјата?

реклама:G Natural

Јапонски научници тврдат дека на земјата и се заканува шесто масовно изумирање.

Климатски научник од Универзитетот Тохоку во Јапонија ги проверил минатите податоци за масовните истребувања и открил дека следното веројатно нема да личи на претходните, барем не за уште неколку стотици години.

Имено, според неговото истражување, се чини дека следното масовно истребување нема да се случи толку брзо како што укажуваа првите проценки за најлошото сценарио; што е донекаде охрабрувачка информација во ова море од негативни вести за разорните климатски промени или појавата на идни пандемии. Но, проблемот за жал не е толку едноставен.

Досега имало пет масовни истребувања, односно нагло намалување на бројот на живи видови. Пет од нив се забележани во последните 540 милиони години, при што околу 50% од животинските видови исчезнале во релативно краток геолошки временски период.

Овие настани, според научниците, често се придружени со климатски промени, без разлика дали се работи за екстремно затоплување или екстремен пад на температурите. Причините можат да бидат различни, од пад на астероид до зголемена вулканска активност, пишува Science Alert.

Најголемото изумирање во историјата се случило пред 250 милиони години, кога 96% од животот во морето и повеќе од три четвртини на копното биле збришани од лицето на Земјата. Последното било пред 65 милиони години, кога диносаурусите исчезнаа од нашата планета.

Кога климатологот Кунио Каихо се обидел да ја измери стабилноста на просечната температура на површината на Земјата и биолошката разновидност на планетата, тој открил линеарен ефект, односно степенот на изумирање се зголемува со поголема промена на температурата.

Тој открил дека за време на глобалниот пад на температурите, најголемите масовни изумирања се случиле кога тие паднале за околу 7°C, и за време на глобалното затоплување, кога се загреале за приближно 9°C. Овој пораст на температурата всушност бил значително повисок од претходните проценки кои укажувале дека порастот од 5,2°C ќе резултира со големо масовно истребување во морето, на исто ниво со претходната „голема петорка“.

„Глобалното затоплување од 9 степени Целзиусови нема да се случи во антропоценот најмалку до 2500 година, и тоа во најлошото сценарио“, рече Каихо.

Јапонскиот климатолог не негира дека видовите веќе изумираат на копното и во морето поради климатските промени; тој само мисли дека нема да се предизвикаат истите загуби како претходните пет изумирања.

До крајот на векот, температурата на нашата планета би можела да се зголеми за дури 4,4°C. Но, проблемот не е само во нивото на глобалното затоплување или ладење. Брзината со која се случува ова е исто така клучна.

Како што веќе споменавме, во најголемото масовно истребување, кое се случило пред 250 милиони години, исчезнале околу 95 проценти од познатите видови. Целиот тој процес траел околу 60.000 години. Но, денешното глобално затоплување, благодарение на емисиите на фосилни горива, се случува за многу пократок временски период.

Затоа, во шестото масовно истребување, огромен број видови би можеле да умрат, не поради силното зголемување на температурите, туку затоа што промените се случуваат толку брзо што многу видови нема да можат да се прилагодат. Овој факт го признава и самиот Каихо.

„Предвидувањето на идното антропогено истребување користејќи само површинска температура не е многу точно бидејќи причините за истребување се различни од причините во геолошкото време“, вели јапонскиот климатолог.

„Открив дека, во линеарна врска, копнените ‘рбетници имаат пониска толеранција од морските за истите настани на глобалното затоплување, но дека морските животни се почувствителни на промени во температурата на живеалиштето отколку копнените животни кои можат да бараат засолниште. Може да се случат такви ситуации во следните сто години“, додаде тој.

Како и да погледнете, јасно е дека со климатските промени, многу видови ќе бидат осудени на пропаст. Точниот обем на загубите и периодот потребен за најлошото сценарио остануваат предмет на дебата во научната заедница.

Истражувањето под наслов Relationship between extinction magnitude and climate change during major marine and terrestrial animal crises е објавено во списанието Biogeosciences.

РЕКЛАМИ: Твојата дигитална картичка! ----------------------------------------------------